logo
logo
logo

МИНИМАЛЕЦОТ ЌЕ ПОРАСНЕ ЗА 1.812 ДЕНАРИ НЕТО, се предвидува стабилен раст на економијата

Vecer | 25.03.2025

МИНИМАЛЕЦОТ ЌЕ ПОРАСНЕ ЗА 1.812 ДЕНАРИ НЕТО, се предвидува стабилен раст на економијата

Владата денес ја одржа редовната 63-та седница, на која, како што вели во соопштение, „беа усвоени низа важни мерки насочени кон зајакнување на економската стабилност, подобрување на јавните услуги и зголемување на транспарентноста во владеењето. Овие одлуки ја одразуваат заложбата на Владата за постигнување конкретни резултати“.

Владата соопшти дека минималната плата за 2025 година ќе бележи пораст:

„Во однос на истото, сакаме да ја информираме јавноста дека на денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за утврдување на минималната плата за 2025 применувајќи ги законски утврдените критериуми, каде минималната плата за 2025 година ќе бележи пораст од 2.685 денари во бруто износ, односно 1.812 денари во нето износ. Владата континуирано продолжува да го подобрува животниот стандард на граѓаните преку стабилен раст на економијата“.

Владата усвои и измени и дополнувања на седум закони.

„Воедно, ја информираме јавноста дека на денешната седница на Владата, се усвоија предлозите за измени и дополнувања на седум закони кои се во надлежност на Министерството за транспорт. Имајќи ги предвид последните трагични случувања, сѐ има за цел вршење на почести контроли на сите иматели на лиценци, дозволи и одобренија односно овластувања. Имајќи предвид дека се издаваат многу лиценци, одобренија, дозволи или овластувања од страна на Министерството за транспорт овие законски измени имаат за цел да предвидат законска обврска двапати годишно да се врши таа проверка на сите иматели на лиценци издадени согласно Закон. Тоа секако не ја исклучува можноста да се вршат повеќе контроли односно почести од предвидените со закон, се со цел обезбедување на квалитетни услуги и сигурност на граѓаните кои се корисници на тие услуги од лицата иматели на лиценци.

Дополнително, законските измени предвидуваат за следните контроли жалбата да не го одлага извршувањето односно суспензијата ќе оди веднаш“, се вели во владиното соопштение.

Владата порачува дека „овие активности ја потврдуваат посветеноста на Владата за вистински, конкретен напредок кој има за цел да го подобрува секојдневниот живот на граѓаните. Ставајќи приоритет на ефикасноста и долгорочниот развој, Владата останува посветена и ќе продолжи да ја информира јавноста за секој преземен чекор“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk