Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, упати силна порака за неопходноста од итна заштита на домашното стопанство на конференцијата „Бизнис со интегритет“. Министерот отворено и реално укажа дека македонските мали и средни претпријатија се соочуваат со огромни предизвици во сегашниот либерален систем, каде тешко можат да им парираат на регионалните и светските гиганти без соодветна државна поткрепа.
Министерот Николоски предупреди дека доколку не се воспостават механизми за заштита на домашните фирми, економијата ќе се соочи со три погубни ефекти: огромен дефицит поради одлив на пари надвор од државата, девизен дисбаланс и продолжување на бранот иселувања поради недостиг на работа за нашите граѓани. Според него, целта на Владата е парите од јавните набавки да остануваат во Македонија, кај македонските работници и претприемачи.
Николоски јасно стави до знаење дека не може да се очекува домашните компании да изградат капацитет доколку не им се даде шанса да работат на сериозни проекти. Тој го отвори прашањето за набавките во вредност од 500.000 до 600.000 евра, нагласувајќи дека локалните фирми мора да имаат предност во своите општини за да можат да опстојат и да се развиваат.
Како што истакна Николоски, Македонија мора да ги заштити домашните компании.
Како посебен проблем, министерот ги посочи престрогите критериуми кај меѓународно финансираните проекти, кои често ги исклучуваат македонските фирми уште во старт. Николоски најави дека е потребна промена на овој пристап, бидејќи само преку директно учество во изградбата на капитални објекти, како автопатиштата, македонските компании можат да станат конкурентни и моќни играчи на пазарот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата