Во гостувањето во емисијата „Вин-вин“ на телевизија „Телма“, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, истакна дека монетарната политика успешно ја исполнува својата основна цел – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност во земјата.
Гувернерот посочи дека стабилноста на девизниот курс на денарот и натаму е цврсто закотвена. Стабилниот курс на денарот во однос на еврото претставува важен фактор за зачувувањето на довербата во економијата, финансиската стабилност и конкурентноста на домашната економија.
Во однос на инфлацијата, беше нагласено дека се бележи стабилизирање на ценовните движења, а во одредени месеци во текот на минатата година има и намалување на ценовното ниво на месечно ниво. Народната банка очекува дека во текот на оваа година инфлацијата и натаму ќе се намалува, што е во согласност со среднорочната цел за ценовна стабилност и приближување кон инфлацијата во еврозоната.
Гувернерот информира дека Народната банка воведе нова и поефикасна оперативна монетарна рамка, со што се унапредува преносот на сигналите од монетарната политика кон финансискиот систем. Во новата рамка, банките имаат можност да пласираат средства кај Народната банка на седум дена со каматна стапка од 4%, со дефиниран каматен коридор за краткорочните операции. Со ваквата поставеност се овозможува појасна насока за движењето на каматните стапки и се придонесува за одржување на стабилноста на финансискиот систем.
Беше истакнато дека банкарскиот систем располага со значителен вишок ликвидност, како и дека бележи постојан раст на штедењето кај населението. Во последните години се забележува и позитивен тренд на денаризација, односно раст на штедењето во домашна валута, што уште повеќе ја зајакнува стабилноста на денарот и довербата во домашниот финансиски систем.
Гувернерот нагласи дека девизните резерви се одржуваат на високо и сигурно ниво од околу 4,9 милијарди евра, што претставува силна гаранција за стабилноста на девизниот курс и за отпорноста на економијата на надворешни шокови.
Во гостувањето беше истакнато и дека постои широк општествен и економски консензус за придобивките од фиксниот девизен курс, што со децении успешно придонесува за стабилноста на македонската економија и претставува важен столб во процесот на европска интеграција и идното воведување на заедничката европска валута.
Народната банка и во иднина внимателно ќе ги следи економските движења и ќе спроведува политики насочени кон одржување на ценовната и финансиската стабилност, како важен предуслов за одржлив економски раст и за стабилност на економијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата