Издавањето кредитна картичка од македонските деловни банки значи и дека годишно би плаќале „членарина“, а таа е главно околу 1.500 денари, но доколку се заклучи од пријавените тарифи на платформата на Народна банка за споредба на надоместоците за платежните услуги.
Според најновите ажурирани податоци, Шпаркасе банка наплаќа 1.500 денари, Халк банка ќе ви одземе 1.200, додека УНИ банка за оваа услуга ќе ви наплати околу 1.800 денари. Централна кооперативна банка и ТТК банка на годишно ниво имаат одреден надоместок од 1.200 денари.
Стопанска банка наплаќа најмногу до 895 денари, а за пензионерите е значително поевтино. Кај НЛБ банка е 900 денари, а кај Комерцијална банка наплатата е од 900 до 960 денари. Годишната членарина кај Силк роуд банка со „виза“ кредитна картичкка е 900 денари. Кај ПроКредит и АЛТА банка ќе треба да платите 1.500 денари.
Кај некои комерцијални банки надоместокот се наплатува еднаш годишно, а кај некои на месечни рати.
Некои од нив не наплаќаат членарина за првата година од користењето, а одредени банки даваат можност и понатаму да не се плаќа, но за промет над одредена сума. Инаку, чланарина се плаќа и доколку не се користи кредитната картичка, односно се додека таа е активна.
Треба да се каже и тоа дека користењето на кредитна картичка повлекува и други трошоци.
Доколку повлекувате готовина од банкомат, провизија се наплаќа кај сите домашни банки во моментов. Ако се споредат податоците, наплатата од една банка до друга се движи од 2 до 4 отсто.
За да овозможи поголема споредливост на надоместоците што ги наплаќаат одделните даватели на платежните услуги, Народната банка тековно објавува споредбени податоци на надоместоците поврзани со платежната сметка наведени во посебна листа на најрепрезентативни услуги.
„Надоместоците ги утврдуваат давателите на платежните услуги, при што се должни да ги почитуваат ограничувањата и обврските коишто произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи. Давателот на платежните услуги е должен на потрошувачот да му даде информација за надоместоците за најчесто користените услуги во форма на Информативен документ за надоместоците (ИДН), пред потрошувачот да се обврзе да ги користи неговите платежни услуги со склучување на рамковниот договор“, нагласуваат од Народна банка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата