Железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија влегува во својата финална и најинтензивна фаза. На состанокот во Софија меѓу бугарскиот министер за транспорт Корман Исмаилов и амбасадорката Агнеза Руси Поповска, беше потврдено дека 2030 година е крајниот рок кога возовите ќе почнат да сообраќаат по Коридор 8.
По ратификацијата на договорот за изградба на заедничкиот прекуграничен тунел, веќе се формира Заеднички комитет кој ќе го координира овој историски проект.
Додека Бугарија веќе распишува тендери за делницата од Ѓуешево до границата, на македонска страна работите напредуваат – веќе е пробиен и последниот од 15-те тунели на делницата Бељаковце-Крива Паланка.
По ратификацијата на Договорот за изградба на прекуграничниот железнички тунел, од страна на парламентите на двете држави, следната фаза е формирање на Заеднички комитет, предводен од замениците на министрите за транспорт, кој ќе ја координира подготовката, изградбата и идното работење на објектот, пренесува БТА.
Според соопштението, министерката Исмаилов го нагласила забрзаното темпо со кое бугарската страна работи на модернизацијата на железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево. Амбасадорката Руси Поповска, пак, потенцирала дека соработката меѓу институциите на двете земји е важен предуслов за непречено спроведување на проектот.
Договорот за прекуграничниот железнички тунел, беше потпишан на 6 ноември 2025 година во Ѓуешево. Следуваше ратификација во македонското Собрание во декември лани, а месецов и во бугарското Собрание.
Првата од трите делници на македонска територија за железничкото поврзување со Бугарија, Куманово-Бељаковце е пуштена, а на втората Бељаковце-Крива Паланка, во должина од 34 километри, завршени се над 30% од работите и неодамна беше пробиен и последниот тунел.
За третата делница, од Крива Паланка до бугарската граница, во септември лани со одлука на Владата се ефектуираше Договорот за грант за техничка поддршка во висина од 3,7 милиони евра од Европската инвестициска банка, за изработка на нова проектна документација, како и подготовка на тендерската постапка за избор на изведувач. Третата делница е во должина од 23,4 километри со планирани 22 тунели, од кои и меѓуграничниот, како и 52 моста.
Бугарската Национална компанија за железничка инфраструктура веќе објави тендер за проектирање и изградба нова железничка траса од Ѓуешево до границата со државава во должина од 2,4 километри, единствената делница што недостасува од железничкиот Коридор 8 на бугарска територија, како и за модернизација на 17 – километарската делница од Перник до Радомир.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата