Германскиот автомобилски гигант БМВ во текот на неделата го постави камен-темелникот на новата фабрика во унгарскиот град Дебрецен.
Компанијата за инвестицијата одвои една милијарда евра, а почетокот на производството на целосно електрични автомобили се очекува во 2025 година. Според нивните прогнози, ова ќе биде првата фабрика за автомобили во светот која ќе работи исклучиво на обновливи извори на енергија.
„Фабриката во Дебрецен ќе постави нови стандарди во целата автомобилска индустрија во областите на флексибилност, одржливост и дигитализација“, рече членот на управниот одбор на BMW, Милан Недељковиќ на поставувањето на камен-темелникот.
Тој додаде дека нема да користат нафта или природен гас, туку само обновливи извори на енергија, со што нивната фабрика во Дебрецен е прва во светот која не произведува емисии на јаглерод диоксид од возилата.
Најголем дел од потребната енергија ќе биде генерирана од соларни ќелии кои ќе бидат инсталирани во просторот на фабриката.
Фабриката ќе вработи околу 1.000 луѓе, кои се очекува за една година да произведат до 150.000 целосно електрични автомобили од новиот модел.
Според Недељковиќ, новата фабрика ќе има клучна улога во преминот на компанијата кон електромобилност.
Исто така, ќе помогне да се постигне целта за зголемување на производството и продажбата на нивните возила на три милиони до 2030 година, со половина од сите електрични возила.
Фото: БМВ
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата