– Потребите на пазарот на трудот рапидно се менуваат и ја нагласуваат неопходноста од нови вештини, дигитални, зелени вештини. Делегацијата на Европската Унија многу е посветена на младите и нивниот просперитет тука, не само затоа што е важно за оваа земја, тука затоа што тие се идни ЕУ-граѓани и носат позитивна промена, рече Гир.Според Извештајот за прогрес, 80 отсто од долгорочно невработените немаат доволно развиени вештини и тоа е последица на невработеноста. Младен Фрчковски од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во своето излагање објасни дека е при крај оперативниот план за 2023 година, а во мерките за вработување воведуваат и пилот-мерки. Годишните извештаи на Агенцијата за вработување покажале дека повеќе од 60 отсто од барателите на работа се со минимално завршено основно или незавршено средно образование. По серија разговори со стопанските комори и технолошко-индустриските развојни зони, од сите добиле иста порака:
– Не им е важно образованието, важно е дека им требаат работници – сега. Значи имаме работна сила од околу 80.000 работници кои компаниите-членки на стопанските комори можат да ги ангажираат. Затоа во обуките дефиниравме дека може да бидат и лица со завршено основно образование. Добиваме податоци од центрите за социјална работа, лицата добиваат психолошко-социјална и менторска поддршка, па се пренасочуваат во делот за услуги каде што се изработува индивидуален план за вработување, рече Фрчковски.Според него, исклучително е важно што за мерките на вработување годинава се издвоени 33 милиони евра, а до пред десет години биле буџетирани со 8 милиони евра. Тој рече дека соработката со невладиниот сектор е одлична и заедно ги креираат законите и стратегиите за младински политики. Горан Петровски од Агенцијата за вработување појасни дека оваа Агенција е повеќе техничко тело кое ги спроведува веќе донесените политики и стратешки документи. Како што рече, годишните планови се темелат на две активни мерки – директно вработување и зајакнување на капацитетите преку обуки. Тука е и можноста „Втора шанса“, пилот-мерки за дооформување на средното стручно образование. Бојан Тодоровски од Бизнис-конфедерацијата на дебатата напомена дека најголем проблем за бизнис заедницата е огромното стареење на населението и иселувањето на младите.
-Секаде во светот младите се под големо влијание на дигитализацијата и интернет-технологиите. Со недостиг на кадар компаниите се соочуваат секој ден, без оглед на големината или видот на претпријатието, до моментот кога веќе не бараат диплома, туку исклучиво вештини, рече Тодоровски. Според него, комотни се само големите компании кои имаат пари и технологија да вложуваат во наградување на своите вработени. Од друга страна, огромна е бројката на микропретпријатија кои се оставени сами на себе и немаат можност за развој. Кај нив мора да има самоиницијатива за растење и надградба.