Во Германија сè уште има повеќе од три милиони невработени, а подобрувањето на состојбата на пазарот на трудот во моментов не е на повидок, според податоците објавени денес од Федералната агенција за труд (BA) за март.
Бројот на невработени во Германија е намален за 49.000 во споредба со претходниот месец на 3,021 милиони, објавува Wirschaftsvohe.
Стапката на невработеност во март се намали за 0,1 процентен поен во споредба со февруари и сега изнесува 6,4 проценти.
Според извештаите, бројот на невработени во март сè уште бил за 54.000 повисок отколку во истиот месец минатата година, што покажува дека пазарот на трудот сè уште покажува знаци на слабост и покрај сезонското подобрување.
Падот на невработеноста во март е дел од вообичаената сезонска динамика, позната како пролетно закрепнување на пазарот на трудот.
Сепак, директорката на BA, Андреа Налес, оценува дека закрепнувањето оваа година доаѓа „без значителен моментум“ на пазарот на трудот.
Експертите не гледаат јасни знаци за посилно економско закрепнување што би го поддржале понатамошниот тренд на намалување на невработеноста.
Бројот на корисници на надомест за невработеност изнесуваше 1,104 милиони, што е зголемување од 98.000 во споредба со март минатата година.
Дополнително, бројот на корисници на социјална помош (т.н. Bürgergeld) во работоспособна возраст беше проценет на 3,82 милиони, што е намалување од 147.000 во однос на претходната година.
Податоците исто така покажуваат дека значителен број корисници на оваа помош работат, но нивните приходи не се доволни за покривање на основните трошоци за живот, па затоа им е потребна дополнителна државна поддршка.
Побарувачката за работна сила во Германија останува слаба, но стабилна.
Во март беа регистрирани 638.000 слободни работни места, што е за околу 5.000 помалку од пред една година, се додава во извештајот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата