Во Германија повторно се разгорува дебатата за тоа дали треба, барем привремено, да се воведе ограничување на брзината на автопатиштата со цел да се заштеди гориво. Додека дел од експертите и политичарите сметаат дека ова е неопходен чекор, конзервативниот блок CDU/CSU останува против, изразувајќи сомнеж во ефикасноста на таквата мерка, пишува „Дојче Веле“.
Со оглед на наглиот пораст на цените на енергенсите, економистката Вероника Грим е отворена за воведување ограничувања. „Тоа не би било штетно — можеби дури и паметен сигнал за луѓето да ја сфатат сериозноста на ситуацијата“, изјавила Грим, која е членка на Советот на експерти за економски развој на германската влада.
Според неа, досегашните владини мерки не се особено ефикасни. Таа смета дека државната помош за гориво и административното ограничување на цените се „погрешен пат“ и дека владата мора да дозволи пазарните цени да влијаат врз намалувањето на побарувачката. Грим укажа и на „земјите од глобалниот југ“, каде веќе се спроведуваат драстични мерки како задолжителна работа од дома и ограничена употреба на возила. „Што повеќе трошиме ние, толку полошо завршуваат тие земји“, објаснува таа.
Претседателот на Зелените, Феликс Банашак, побара воведување привремено ограничување на брзината, нагласувајќи дека тоа „веднаш ја намалува потрошувачката, ги ублажува цените и солидарно им помага на сите што зависат од автомобилите за работа“.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) веќе советуваше воведување мерки за штедење поради нафтената криза предизвикана од конфликтот со Иран. Меѓу препораките се повеќе работа од дома, ограничување на брзината и поголемо користење на јавниот превоз.
Германскиот министер за транспорт Патрик Шнајдер (CDU) неодамна изјави за „ARD“ дека ограничувањето на брзината е „маргинална работа“ во контекст на вкупните мерки за штедење. „Мораме да предложиме мерки што луѓето можат да ги прифатат и кои се економски издржливи“, рече тој.
Германија останува практично единствената земја со мрежа од над 13.000 километри автопатишта без општо ограничување на брзината. Иако на голем дел од делниците веќе постојат ограничувања поради други причини, а густиот сообраќај ретко дозволува „слободно“ возење, симболиката на брзината останува едно од најчувствителните политички прашања во земјата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата