Најбогатите семејства во светот ја намалуваат довербата во американскиот долар поради геополитичките тензии и растот на националниот долг на Соединетите Американски Држави, објави денес швајцарската банка UBS.
Според анкетата на финансиската институција, околу две третини од семејните инвестициски канцеларии очекуваат слабеење на довербата во доларот како глобална резервна валута во текот на следната година, објавува Ројтерс.
Банката вели дека многу богати семејства ја преиспитуваат структурата на своите инвестициски портфолија, при што речиси половина од испитаниците веруваат дека се премногу изложени на средства деноминирани во американската валута.
Во исто време, семејните канцеларии планираат да ги зголемат инвестициите во пазарите во развој и инфраструктурните проекти, а воедно да ја намалат изложеноста на секторот за недвижности.
Главниот извршен директор на UBS, Бенџамин Кавали, рече дека инвеститорите покажуваат растечки интерес за инвестирање во Азиско-пацифичкиот регион и Западна Европа, што е дел од поширок процес на диверзификација на инвестициите надвор од САД.
UBS вели дека геополитичките конфликти станале доминантен извор на загриженост кај најбогатите инвеститори, поради што некои од нив ги прошируваат своите деловни активности низ повеќе јурисдикции.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата