logo
logo
logo

Ангеловска-Бежоска: Во глобални рамки, корона-кризата повеќе ги погоди жените

Vecer | 15.09.2021

Ангеловска-Бежоска: Во глобални рамки, корона-кризата повеќе ги погоди жените

Корона-кризата во глобални рамки го нагласи уште повеќе прашањето за родовата рамноправност и степенот на вклученост на жените во општеството, бидејќи согласно со расположливите податоци, таа несразмерно повеќе ги погодува жените од мажите. Пандемијата наметна потреба од рестриктивни мерки коишто најмногу ги засегнаа дејностите коишто се засноваат на социјална интеракција, односно услужниот сектор, но и неформалната економија, каде што учеството на жените е поголемо. Со тоа, корона-кризата дополнително ја истакна и потребата од засилување на активностите за овозможување родова рамноправност, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата на тема „Ковид-19 и економското влијание врз жените“, на Првата годишна конференцијa на Министерството за надворешни работи – „Жените во надворешната политика“.

Во дискусијата, гувернерката посочи дека според студии на меѓународни институции секоја година економиите на регионот имаат загуба од околу 18% од нивниот БДП, како резултат на родовиот јаз на пазарот на труд, како и дека две третини од изгубениот доход се објаснува токму со ниската вклученост на жените на пазарот на труд.

„Во околности на здравствена криза, особено загрижува натамошното зголемување на неактивноста кај жените. Поголемата вклученост на жените во работната сила носи придобивки не само за жените, туку и за целото општество, при што според повеќе студии се заклучува дека повисоката вклученост на жените може да доведе до БДП повисок за дури 10% во развиените земји и дури 30% во земјите во развој.“ – напомена Ангеловска-Бежоска.

Меѓу другото, таа истакна дека за поголема вклученост на жените се потребни институционални политики коишто ќе овозможат еднаков пристап до образование, здравство, како и поголем пристап до финансии.

„Оттаму, неопходни се активности за олеснување на пристапот до финансии, зголемување на финансиската едукација, особено кај жените со пониски примања, зголемување на дигиталните вештини, создавање посебни фондови за финансиска поддршка на инвестициите на жените.“ – посочи Ангеловска-Бежоска.

На панел-дискусијата, покрај гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваа и претседателката на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и почесна конзулка на Канада, Анета Антова-Пешева, членката на Управниот одбор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Ќаније Селими, претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија и почесна конзулка на Унгарија, Данела Арсовска и Надире Реџепи, од Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk