Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски изјави дека Судот повел постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување, кој се однесува на можноста физички и правни лица да ги наплатат своите побарувања од државните и локалните органи, посочувајќи дека станува збор за правна норма која е нејасна и лошо формулирана.
Во разговор во поткастот „Каде се парите“, Костадиновски истакна дека уште пред пет години овој член бил разгледуван во Судот, кога тој и судијата Осман Кадриу изразиле сериозни сомнежи за неговата уставност, но мнозинството тогаш одлучило да не го укине за да се избегнат големи последици за државата.
Тој посочи дека примерите наведени во иницијативата покажуваат како граѓани и компании не можат да ги наплатат своите побарувања и покрај правосилни судски пресуди, токму поради постоењето на овој член.
Според него, проблематично е што нормата користи нејасни формулации како „средства неопходни за вршење на дејноста“, а на претседателот на судот му се остава дискреционо право да одлучува кои средства спаѓаат во таа категорија.
Костадиновски нагласи дека целта на законодавецот била да се заштити јавниот интерес и функционирањето на јавните претпријатија, но предупреди дека нивните долгови достигнуваат околу 200 милиони евра и дека станува збор за реални пари што им се должат на граѓани и компании.
Тој оцени дека евентуалната одлука на Судот може да придонесе за поголема финансиска дисциплина и одговорност во управувањето со јавните претпријатија.
На прашањето дали постојат притисоци од извршната власт во врска со вакви чувствителни законски прашања, претседателот на Уставниот суд ги отфрли таквите тврдења.
Според него, при донесувањето на одлуките судиите ги земаат предвид сите околности и можните последици врз правниот поредок, правата на граѓаните и државниот буџет.
Костадиновски се осврна и на прашањето за примената на Законот за облигациони односи по укинувањето на измените од страна на Уставниот суд минатата година.
Тој објасни дека со измените бил воведен рок на застарување од пет години, кој бил применуван околу една година, што значи дека во тој период дел од побарувањата веќе застареле и не можат да се наплатат.
Според него, дополнителен проблем создава фактот што одлуката на Судот била укинувачка, а не поништувачка, што отвора дилема дали со тоа автоматски се враќа во сила претходното законско решение. Костадиновски оцени дека честите измени на законите создаваат правна несигурност и непредвидливост.
Говорејќи за надлежностите на Уставниот суд, тој изјави дека Судот треба да може да решава и ситуации во кои постои судир меѓу два закона, бидејќи во спротивно се остава простор за арбитрарна примена на правото.
Како пример го наведе Законот за платите на избраните и именуваните функционери, каде што, според него, законодавецот вовел ново правило за фиксна основица на платите, но не го ставил вон сила старото правило за пресметка врз основа на просечната плата.
Костадиновски во разговорот се осврна и на состојбите во судството, оценувајќи дека судската власт се соочува со недостиг на ресурси, кадар и техничка поддршка, што влијае врз нејзината ефикасност.
Тој нагласи дека не ја амнестира судската власт од одговорност и дека самото судство треба да се справи со корумпираните судии и оние со политички врски, кои, како што рече, го нарушуваат угледот на целата професија.
Во однос на платите на судиите и јавните обвинители, Костадиновски истакна дека, согласно меѓународните стандарди и принципот на независност на судството, тие не треба да се намалуваат, но додаде дека носителите на овие функции мора да ја оправдаат довербата и да придонесат за расчистување со појавите што го компромитираат судскиот систем.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата