Во долината на реката Мазове, 50 километри северно од Хараре, главниот град на Зимбабве, тешко е да не се забележи дека владее златна треска. Падините на ридовите се раскопани со багери кои ја зафаќаат рудата како да црпат сладолед од кофа. Цевки ја насочуваат водата од реката кон станиците за испирање кои ги користат рударите. Толку многу вода е пренасочена што браната наликува на заматена, плитка бара.
Ефектите од златната треска се гледаат далеку надвор од Мазове. Зимбабве, кој често се смета за економски безнадежен случај, поминува низ необичен економски процут. Високите цени на златото и на другите суровини доведоа до прилив на пари во неговата помалку бизарна економија. Властите конечно можеа да престанат да печатат пари и да интервенираат на девизните пазари; инфлацијата сега е на најниско ниво во последните 30-тина години. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) повеќепати ги ревидираше процените за економскиот раст, последен пат на најмалку 7,5% за 2025 година, што е речиси двојно повеќе од африканскиот просек.
Сепак, иако економијата на Зимбабве стои подобро отколку што многумина надвор од државата мислат, неговата политика останува еднакво сурова како и претходно. Емерсон Мнангагва, 83-годишниот претседател, ги следи идеите на својот претходник Роберт Мугабе и се обидува да го измени Уставот за да остане на власт, можеби и доживотно.
Родезија
Сесил Роудс ја колонизирал областа која ќе ја именува по себе (Родезија) во потрага по легендарниот Офир, за кој некои империјалисти верувале дека е изворот на златото на кралот Соломон. Но, таа потрага не дала значајни резултати. Сепак, во Зимбабве, како што се вика земјата од 1980 година, златото со текот на времето стана сè поважен економски ресурс.
Во 2025 година, земјата официјално произведе 47 тони злато, најмногу во историјата и повеќе од двојно во однос на пред десет години (кога ќе се земе предвид и прокриумчарената стока, тогаш вистинската количина е поголема). Тоа донесе 4,6 милијарди долари, што е приближно половина од вкупниот извоз по вредност, додека волатилноста на глобалните финансиски пазари ја зголеми побарувачката и ја покачи цената. Во последните пет години цената речиси се утрои. „Не ни сонувавме за вакви цени. Му благодариме на Бога за претседателот Трамп“, вели Виктор Гапере, инвеститор во рударството.
Ефектите од треската се разновидни. На малите, занаетчиски наоѓалишта рударите користат жива и цијанид, кои потоа се враќаат во водата што се користи за пиење и наводнување. Повисоките цени значат и поголеми потенцијални заработки за криумчарите, кои разни истраги ги поврзаа со политичките моќници. Американците тврдат дека во матните зделки е вклучен и претседателот Мнангагва.
Истовремено, дел од приходите од рударството завршуваат во џебовите на стотици илјади Зимбабвејци кои работат во мали рудници. Тие можат да заработат неколку стотици американски долари месечно. „Овие деца денес се полни со пари“, вели еден трговец, опишувајќи како пораснала продажбата на мотоцикли, електроника и лекови.
Златото не е единствениот извор на раст на економијата. Овогодишната реколта на тутун ќе биде најголема досега. Рудниците за литиум, хром и платина, од кои многу се кинески, го зголемија производството. Зимбабвејската дијаспора, главно во Јужна Африка, минатата година испрати дома 2,5 милијарди долари. Вкупната побарувачка затоа е повисока од кога било, вели еден банкар. А голем дел од таа потрошувачка се одвива на црниот пазар, мимо царината и даночните власти. Тоа е „конгоизација на Зимбабве“, вели еден финансиер.
Рекордни цени
Куќите во Хараре се продаваат по рекордни цени, а се купуваат со готовина. Инвеститорите попрво избираат недвижности отколку штедење во банките поради страв од инфлација. Индустријата на приватни трезори доживува процут. Во тие сефови, според процената на еден упатен функционер, се чуваат меѓу 2 и 4 милијарди долари во злато и готовина.
Креаторите на политиките имаат помала потреба за печатење пари кога земјата буквално ги ископува од земја. Зимбабвејскиот златен долар (ZiG), воведен во 2024 година, засега го избегна падот во безвредност, што беше судбина на неколку претходни валути. Џон Мушајаванху, гувернер на централната банка од 2024 година, главно се воздржа од принудување на граѓаните да го користат ZiG, во земја која во реалноста е доларизирана.
Економијата е подобра отколку за време на Мугабе, но политичката перспектива е мрачна. Во февруари, владејачката ZANU-PF предложи закон со кој мандатот на политичарите би се продолжил од пет на седум години, со што крајот на власта на Мнангагва би се поместил од 2028 на најмалку 2030 година. Ако утврди дека изменетиот Устав значи дека може да одслужи уште два мандати, теоретски би можел да остане на власт и со 100 години. Законот би ги укинал директните претседателски избори; пратениците би го избирале претседателот, што би му овозможило да го осигура останувањето на власт преку системот на политички услуги и наградување на лојалноста.
Критички настроените пратеници и невладините организации се или поткупени или замолчени. Претприемачите се загрижени поради опишаниот закон, но не се осмелуваат јавно да го критикуваат. Некои тврдат дека потпретседателот Константино Чивенга, поранешен воен командант кој му помогна на Емерсон Мнангагва да го собори Роберт Мугабе во 2017 година, подготвува нов државен удар бидејќи очекувал да ја преземе власта во 2028 година. Претседателот се обидува да го спречи бунтот така што ги сменува офицерите блиски до својот заменик.
Не одат поблиску до Западот
И покрај претходните надежи дека Мнангагва би можел да ги нормализира односите со Западот, неговото зацврстување на власта го прави тоа сè помалку веројатно. Зимбабве веќе речиси три децении не може да дојде до меѓународни развојни кредити бидејќи натрупа околу 7,4 милијарди долари неплатени долгови кон Светската банка и западните држави. Бидејќи отписот или реструктурирањето на тој долг зависи и од политичките реформи, овој закон дополнително ги намалува изгледите за нов договор со Европа.
Ниту Доналд Трамп, кој ги сака африканските минерали, а малку се грижи за африканската демократија, не доведе до зближување. Некои аналитичари сметаа дека неговиот трансакциски пристап би ѝ одговарал на ZANU-PF, но таа партија едвај и се потруди да им се приближи на трампистите. Во февруари ја одби американската помош која содржеше и лекови против ХИВ за 1,3 милиони заболени во земјата.
Логичниот заклучок е дека зимбабвејската елита ужива во постојната состојба. Со високите цени на суровините, парите можат да се заработуваат и легално и илегално. Сè додека зимбабвејските дадилки и градинари во Јужна Африка испраќаат пари дома, милиони луѓе кои немаат корист од златната треска можат да преживуваат благодарение на таа финансиска помош од дијаспората.
А кому воопшто му треба Западот кога имате кинески партнери? На крајот, отворањето на економијата би значело губење на контролата, а ZANU-PF не го сака тоа.
Еден угледен бизнисмен во Хараре забележува како странските инвеститори често изразуваат чудење поради ниското ниво на криминал. Потоа се насмевнува и ја раскажува локалната шега: „Во Зимбабве нема криминални банди поради тоа што најголемата банда е владејачката партија“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата