Кинескиот производител на електрични автомобили BYD продаде 11.271 електрични автомобили во Велика Британија минатиот месец, што претставува зголемување од 880 проценти во однос на претходната година.
Според соопштението на кинеската компанија, вкупната годишна продажба во Велика Британија сега достигна нешто над 35.000, објави CNBC. На овој начин, Велика Британија стана најголемиот пазар за BYD надвор од Кина, а нејзиниот удел во вкупната продажба е 2,2 проценти од почетокот на годината.

Компанијата, која започна како производител на мобилни телефони, е позната по своите попристапни цени во споредба со другите производители на електрични возила.
На пример, BYD Dolphin во Велика Британија чини почетни 26.000 фунти (29.800 евра), што е поевтино во споредба со еквивалентниот Tesla Model 3, кој чини околу 40.000 фунти (34.150 евра).
Други модели од кинеската фирма, исто така, се покажаа популарни кај потрошувачите во Велика Британија, соопшти компанијата, која отвори фабрика за батерии во европската земја минатиот месец.
Велика Британија забележа голем скок во продажбата на електрични автомобили во септември по повторното воведување на субвенции за купување на вакви возила во јули за да ги направи поевтини за потрошувачите. Сепак, ваквите бенефиции не важеа за кинеските електрични возила.
Продажбата на електрични возила на батерии се зголеми за 29,1 процент, на 72.779, во споредба со истиот период минатата година, според податоците од лоби-групата на Здружението на производители и трговци на моторни возила.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата