Министрите за финансии, гувернерите на централните банки и водечките експерти од финансискиот сектор изразија сериозна загриженост поради појавата на новиот, исклучително моќен модел на вештачка интелигенција, за кој стравуваат дека би можел да ја загрози безбедноста на глобалните финансиски системи. Станува збор за моделот „Claude Mythos“, развиен од компанијата „Anthropic“. Неговото претставување предизвика итни состаноци на највисоко ниво, откако беше утврдено дека поседува капацитет да открива ранливости во бројни клучни оперативни системи.
Експертите предупредуваат дека овој модел има досега невидена способност за идентификување и искористување на безбедносните слабости во дигиталните системи. Темата беше предмет на сериозна дебата и на состанокот на Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, каде финансиските лидери ги анализираа можните последици од развојот на ваквата технологија. Канадскиот министер за финансии, Франсоа-Филип Шампањ, изјави дека ситуацијата е доволно алармантна за да го бара вниманието на сите светски министри за финансии.
Во разговор за „Би-Би-Си“, Шампањ истакна дека клучниот проблем е незивесноста. За разлика од традиционалните закани кои се познати и мерливи, вештачката интелигенција отвора простор за т.н. „непознати непознаници“, поради што е неопходно итно развивање заштитни механизми за отпорност на системите. Иако загриженоста ги надминува реакциите на кој било претходен модел на вештачка интелигенција, дел од експертите за сајбер-безбедност сепак повикуваат на смиреност, напоменувајќи дека реалните можности на моделот допрва треба да се тестираат во поширок индустриски контекст пред да се донесат конечни заклучоци.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата