logo
logo
logo

Постигнат договор: ЕВЕ ШТО ВЕЛАТ 6-ТЕ НАЈГОЛЕМИ ЕКОНОМИИ НА ЕУ

Vecer | 30.05.2026

Постигнат договор: ЕВЕ ШТО ВЕЛАТ 6-ТЕ НАЈГОЛЕМИ ЕКОНОМИИ НА ЕУ

Министрите за финансии на шесте најголеми економии на Европската Унија (Е6) постигнаа заеднички став за предлогот за зајакнување на заедничкиот надзор на европските пазари на капитал, објави денес германското Министерство за финансии.

Спогодбата ја постигнаа министрите за финансии на Германија, Франција, Италија, Шпанија, Полска и Холандија на состанок одржан во Берлин, пренесува Ројтерс.

Станува збор за иницијатива на Европската комисија со која дел од надзорот на финансиските пазари ќе се префрли од националните регулатори на Европската агенција за хартии од вредност и пазари (ESMA), регулаторно тело со седиште во Париз.

Според германското Министерство за финансии, целта на реформата е да се зајакне конкурентноста на Европската Унија во услови на слаб економски раст и зголемена конкуренција од Соединетите Американски Држави и Кина.

„Во сегашната геополитичка ситуација, зајакнувањето на европскиот суверенитет, конкурентност и отпорност е поважно од кога било досега“, изјави Министерството за финансии на Германија, оценувајќи дека договорот претставува важен чекор кон создавање унија на пазарот на капитал.

Шесте најголеми економии на Европската Унија го поддржаа намалувањето на пречките за прекугранични инвестиции, додека на европскиот регулатор ESMA ќе му бидат дадени поголеми овластувања за надзор на најважните делови од финансискиот пазар.

За реформата да стапи во сила, таа ќе мора да биде поддржана од сите 27 членки на Европската Унија.

Германија очекува дека целиот пакет би можел да биде усвоен до крајот на 2026 година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk