Речиси 50 милиони евра долг, толку пари останале ненаплатени во општинските каси, покажуваат податоците на Државниот завод за ревиција. Речиси пет години општините се борат со слабата наплата, а најголемиот проблем е што милионски суми наместо да бидат собрани се губат позади застарување на побарувањата.
Речиси 48 милиони евра не наплатиле општините по основ на разни даноци, вклучувајќи и данок на имот, такси и други надоместоци во периодот од 2020 до 2024 година, утврди Држаниот завод за ревизија. Во овој период се отпишани долгови од над 3,8 милиони евра, па така додека едни уредно си ги плаќаат давачките, други поради неефикасноста на општините го изигруваат системот и долог како застарен им се брише.
Согласно Годишната програма за работа за 2025 година, Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Ефикасноста на мерките и политиките за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци “ со цел да се даде одговор на прашањето: Дали мерките и политиките за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци се ефикасни во обезбедување навремена и целосна наплата на приходите и фискално одговорноуправување?
Со ревизијата беа опфатени активностите во период 2020 до 2024 година, а одреденипрашања и настани се опфатени пред и по овој период.
Со опфатот и доказите кои ги обезбедивме по пат на примена на ревизорската методологија и техники, стекнавме разумно уверување дека мерките и политиките на надлежните органи и ЕЛС не обезбедуваат ефикасно администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци.
Опкружувањето во кое единиците на локалната самоуправа ги остваруваат своите надлежности за администрирање на даноци, такси и надоместоци не овозможува ефикасно утврдување и наплата на сопствените приходи.
Постојната правна рамка не предвидува ажурирање на регистарот на недвижен имот по службена должност, роковите за плаќање на даночните решенија не се прецизно дефинирани, не е регулиран начин на нивна достава, а постојат и ограничувања во спроведување на ревизија на пазарната вредност.
Методологијата за пресметка на вредноста на објектите е застарена и не ги опфаќа новите видови на објекти и материјали, се применуваат цени кои не се ажурирани со години кои не ја рефлектираат реалната пазарна вредност, што резултира со потценување на даночната основа и намалени приходи за општините. Имајќи во предвид дека само 15 општини имаат спроведено ревизија на пазарната вредност укажува на нееднаква примена на прописите во системот на оданочување на имот.
Целиот извештај ТУКА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата