logo
logo
logo

ССМ СЕ ЗАКАНИ СО БЛОКАДИ НА ИНСТИТУЦИИТЕ - прво на удар Собранието, па Стопанска комора, па Владата

Vecer | 03.02.2026

ССМ СЕ ЗАКАНИ СО БЛОКАДИ НА ИНСТИТУЦИИТЕ - прво на удар Собранието, па Стопанска комора, па Владата

Сојузот на синдикати преминува во втората фаза од активностите за зголемување на платите.

Блокадите почнуваат од 10 февруари со блокирање во македонското Собрание, а продолжуваат на 12 февруари со блокади пред Стопанската комора. Блокадата пред Владата е најавена за 17 февруари.

– Вчера истече рокот којшто илјадници работници им го дадоа на пратениците во Собранието да направат брзи измени на Законот за минимална плата, со кои минималната плата ќе се зголеми на 600 евра, а останатите плати ќе се зголемат за разликата од зголемувањето на минималната плата, односно најмалку за 6.000 денари. Игнорантскиот однос што го покажуваат пратениците кон работниците предизвика да преминеме на втората фаза од активностите што ги спроведуваме за зголемување на работничките плати – изјави денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Утре во 11 часот, ССМ ќе достави и иницијатива до Собранието за измени и дополнувања на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица.

– Со оваа иницијатива го менуваме членот со кој е утврдена основицата за пресметка на платите, така што наместо досегашната просечна плата како основица за пресметка по коефициент на сложеност, основица ќе биде минималната плата по коефициент на сложеност. На овој начин, им даваме можност да покажат дека нема да овозможат дополнително зголемување на инфлацијата во Македонија и дека се подготвени да ги намалат своите плати за 40% само со измена на оваа законска одредба, а дополнително да ги намалат и коефициентите за сложеност за 40% – рече Трендафилов.

Доколку не го направат тоа, ССМ почнува иницијатива за собирање на 10.000 потписи за да стане овластен предлагач на вакви законски измени.

Дваесет и четиричасовниот генерален штрајк останува опција, а не се исклучува можноста и за организирање на уште еден протест како оној што се одржа минатата среда.

Во однос на тоа да се тргне делот за плати од Општиот колективен договор, од ССМ велат дека нема да дозволат работниците да се откажат од еднаш стекнато право загарантирано со Устав и закон.

– Да се откаже работник од стекнато право гарантирано со Устав и закон е спротивно на Законот за работни односи, кој јасно предвидува дека ниту еден работник нема право да се откаже од право утврдено со закон или колективен договор – рече Трендафилов.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk