Од средината на оваа година, сите нови автомобили во Европската Унија ќе мора да имаат задолжително инсталирано ново стоп-светло, кое јасно укажува на опасност во одредени ситуации, а целта е што е можно порано да се предупредат другите учесници во сообраќајот и да се избегне судир со возило кое сопира.
Според регулативата на ЕУ за општа безбедност на возилата, од 7 јули оваа година се воведува обврска за инсталирање на сигнал за неопходно запирање, што вклучува трепкачко стоп-светло за време на силно сопирање и автоматско вклучување на трепкачите по нагло запирање. Овој сигнал се активира автоматски при брзина над 50 километри на час. Без тој сигнал, хомологацијата на возилото повеќе нема да биде можна од наведениот датум.
Разликата на новата регулатива од сегашната е тоа што сега задните стоп-светла се вклучуваат секој пат кога сопирате, но новите регулативи ќе го променат тоа – во случај на силно забавување, обично при брзини над 50 км/ч, ќе се вклучи таканареченото адаптивно итно сопирање. Стоп-светлата ќе трепкаат неколку пати во секунда за да сигнализираат силно сопирање.
Доколку возилото застане по силно забавување, предупредувачките светла за опасност автоматски ќе се активираат, а стоп-светлото ќе остане вклучено.
Новата регулатива се однесува исклучиво на нови патнички автомобили и лесни комерцијални возила. Постојните автомобили не треба да се модифицираат или доградуваат со овој систем.
Тој систем е дел од поширок пакет мерки на Европската Унија за побезбедни патишта, содржани во Регулативата на ЕУ 2019/2144, која пропишува задолжително инсталирање на голем број активни и пасивни безбедносни системи во новите возила, како што се напредниот систем за сопирање во итни случаи (AEBS), помош за одржување на возилото во сообраќајната лента, паметен ограничувач на брзината, откривање на несвесност/замор на возачот, безбедносна камера за движење наназад итн.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата