Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека ниту една компанија не смее да нуди работа за плата која е пониска од законски утврдената минимална плата и најави контроли и санкции доколку биде констатирано дека навистина се нудат работни места за плати под минималната.
Од денешната прес-конференција на министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши / Фото: МИА
Дурмиши ова го кажа на денешната прес-конференција, на која заедно со директорот на Агенцијата за вработување го презентираа Оперативниот план за вработување за 2026 година. Одговарајќи на новинарски забелешки дека на веб-страницата на Агенцијата за вработување се нудат 9 000 слободни работни места со плати под минималната, Дурмиши најави состанок со директорите на Агенцијата и на Трудовиот инспекторат.
„Ќе имаме состанок и ќе направиме контроли кај овие компании. Ќе ве информираме какви мерки ќе преземеме. Не е важно дали огласите за работа се стари или нови, не може да се нудат огласи со плата под минималната, имаме закон којшто е на сила. Бидете сигурни дека доколку навистина е така, односно се нудат работни места со плата под минималната, ќе преземеме мерки за тие да бидат санкционирани. Не може ниту една компанија да го злоупотребува законот“,
рече Дурмиши.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата