Масовните протести во Турција предизвикаа шок на финансискиот пазар – инвеститорите го повлекуваат капиталот, лирата паѓа.
Ердоган се обидува да ја смири ситуацијата. Експертите предупредуваат на долгорочните последици од политичката нестабилност.
Откако Турција беше погодена од бран масовни протести, предизвикани од апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, има пад на берзите.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган сега се обидува да ги смири разнишаните финансиски пазари.
Веста за апсењето на ривалот на Ердоган, Имамоглу, минатата недела предизвика големи загуби на турските финансиски пазари - тоа беше најлошата берзанска недела од глобалната финансиска криза во 2008 година.
Берзанскиот индекс ISE 100 привремено изгуби повеќе од 16 отсто.
Како одговор, турската Комисија за пазари на капитал забрани кратка продажба и обложување на натамошен пад на цените на акциите.
Во исто време, го олесни откупот на акции за да го поддржи падот на цените на акциите.
На краток рок, индексот порасна за околу два отсто, но набрзо се врати на најниското ниво од ноември.
Набљудувачите се согласуваат: овој развој на настаните може да претставува голем проблем за Ердоган.
Затоа што во последните години турските инвеститори инвестираа на берзата за да ги заштитат своите средства од високата инфлација, која во март сè уште изнесуваше 39 проценти.
Министерот ветува стабилност
На почетокот на неделава берзите на обврзници и акции во Турција малку се смирија.
Имено, министерот за финансии Мехмет Шимшек вети дека „ќе направи се што е потребно“ за стабилизирање на финансиските пазари.
Тој рече дека Турција сè уште нуди добри долгорочни можности за инвестирање.
Заедно со гувернерот на Централната банка Фатих Карахан, тој го повтори ветувањето на претседателот Реџеп Тајип Ердоган дека ќе ги задржи политиките погодни за инвеститорите што ги спроведува во последните две години за да се спречи масовната продажба на лирата од турските граѓани.
Турската лира ослабе во однос на доларот.
Сепак, фактот што падот беше само три отсто ги смири инвеститорите.
Тимоти Еш, аналитичар во РБЦ Блубеј, изјави за новинската агенција Блумберг: „Се чини дека најголемиот дел од одливот на лири (одлив на капитал) доаѓа од странци“.
Краткорочен шок
Ердал Јалчин, професор по меѓународна економија на Универзитетот за технологија, економија и дизајн во Констанц (HTWG), за ДВ изјави дека Турција „повторно е на патот на стабилизација во последните месеци по долг период на политичка несигурност, екстремно висока инфлација и постојана економска криза“.
Со многу високи каматни стапки и поддршка за лирата, таа успеа „повторно да ги привлече меѓународните инвеститори во земјата“. Државните обврзници и берзите беа на јасен пат кон закрепнување.
Сепак, апсењето на Имамоглу има последици и за пазарите:
"Политичката неизвесност во земјата нагло се зголеми. За неколку часа меѓународните инвеститори повлекоа големи количини капитал од турските финансиски пазари. Во исто време турската лира се најде под огромен притисок, принудувајќи ја Централната банка масовно да ги продава девизните резерви за да ја стабилизира валутата".
Важен партнер
Кога зборуваме за економските последици од апсењето на Екрем Имамоглу, не смееме да заборавиме: последиците ќе бидат видливи дури оваа година.
Ердал Јалчин од HTWG во Констанц смета дека актуелната политичка криза не треба да има долгорочни последици за турската економија.
Дополнително, и ЕУ и САД зависат од стабилна Турција, „од една страна како важен партнер на НАТО, а од друга страна како стратешки важна земја во ограничувањето на миграциските текови кон Европа. Затоа, засега, критичките гласови од Европа се воздржани“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата