Директорот на Меѓународната агенција за енергетика, Фатих Бирол (IEA), изјави дека конфликтот меѓу Иран, Соединетите Американски Држави и Израел ја создава најтешката енергетска криза со која светот некогаш се соочил.
Во интервју за Радио Франс Интер, Бирол рече дека „ова е навистина најголемата криза во историјата“, наведувајќи дека сегашната ситуација е влошена од комбинацијата на кризата на пазарот на нафта и гас и веќе постоечките нарушувања предизвикани од војната меѓу Русија и Украина, објави Ројтерс.
Според него, глобалните енергетски пазари се во полоша состојба отколку за време на претходните големи кризи во 1973, 1979 и 2022 година.
Конфликтот на Блискиот Исток доведе до прекин на поморскиот сообраќај во Ормутскиот теснец, низ кој минуваат околу една петтина од светските пратки на нафта и течен природен гас.
Ситуацијата дополнително ги оптовари глобалните резерви на енергија, веќе погодени од намалените руски испораки за Европа.
ИЕА претходно овој месец соопшти дека е подготвена да ослободи рекордни 400 милиони барели нафта од своите стратешки резерви за да го ублажи порастот на цените предизвикан од кризата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата