logo
logo
logo

СПАС ОД СКАПИ ГОРИВА - ЕК го лансираше пакетот „AccelerateEU“

Vecer | 22.04.2026

СПАС ОД СКАПИ ГОРИВА - ЕК го лансираше пакетот „AccelerateEU“

Европската комисија предложи низа мерки за ублажување на последиците од наглото поскапување на енергенсите и потенцијалниот недостиг на гориво предизвикан од конфликтот во Персискиот Залив. Во изминатите 50 дена, откако започнаа нападите на САД и Израел врз Иран, што доведе до блокада на Ормускиот Теснец и оштетување на нафтените и гасните постројки, европските земји платија дополнителни 24 милијарди евра за увоз на фосилни горива, иако количината на увозот воопшто не е зголемена.

Од Комисијата истакнуваат дека ова е вторпат во помалку од пет години граѓаните на Европа да плаќаат висока цена поради зависноста од увозни горива. Како одговор, предложен е сет мерки за заштита на најранливите групи граѓани и стопанството, со повторен апел за забрзување на домашното производство на енергија, намалување на потрошувачката и целосен премин кон електрификација.

„AccelerateEU“:  

По состанокот на Колегиумот, претставен е пакетот „AccelerateEU“, кој содржи инструменти за итна помош на домаќинствата и индустриите.

„Сегашната геополитичка ситуација е силен потсетник дека преминот кон чиста и безбедна енергија е економски и безбедносен императив. Со овој пакет градиме отпорност на идни ризици преку домашни извори,“ соопштија од Европската комисија.

Иако Комисијата смета дека моментно нема директен ризик за енергетската безбедност на Унијата, растот на цените сериозно ја загрозува економијата. Посебен акцент е ставен на авиоиндустријата:

  • Се предлага поголема координација при полнењето на складиштата за гас.
  • Се планира флексибилна размена на керозин меѓу државите членки.
  • Целта е да се спречи бранот откажувања на летови пред летните одмори, што веќе го најавуваат голем број авиокомпании поради кризата со гориво.

Бидејќи најголемиот дел од летовите се одвиваат меѓу самите држави членки, Комисијата предупредува дека ниту една земја нема да биде поштедена од последиците на масовните откажувања, доколку не се обезбеди урамнотежено снабдување во сите пристаништа и аеродроми.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk