Компанијата „Харибо“ денес објави дека канабисот што беше пронајден во нивните гумени бомбони со вкус на кола не бил дел од процесот на производство.
Портпаролот на компанијата потврди дека се извршени лабораториски тестови на примероци од складираната серија бомбони, суровини и готови производи што веќе биле во продажба во Холандија, пишува „NL Times“.
Сите резултати се негативни, што значи дека немало докази за контаминација на производот.
„Нашите внатрешни истраги покажаа дека немало неправилности во производството“, рече портпаролот.
Иако потеклото на канабисот пронајден во бомбоните сè уште е непознато, извештаите се однесуваат на еден специфичен производ во источниот дел на Холандија.
По известувањето, Харибо ја повлече целата серија производи - кесички „Харибо Хепи Кола Ф!ЗЗ“, со рок на траење до јануари 2026 година.
Според информациите од болницата, две деца беа хоспитализирани откако консумирале гумени бомбони.
Едно дете привремено било во кома, додека други членови на истото семејство, исто така, покажале симптоми по консумирањето на тие бомбони.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата