Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Белград разговарале за соработката во енергетскиот сектор, енергетиката, нафтоводите, гасоводи, набавка на гас, обновливи извори на енергија, ветерни електрани, соработка меѓу електростопанствата од двете земји, за транспортото и инфраструктурата.
-Србија под покровителство на ЕУ ја гради брзата пруга Белград-Ниш, реконструкцијата на делницата кон Брестовац штотуку се завршува и ќе завршуваме се до границата со Македонија. Премеирот Мицотакис ме информираше дека Грција работи и ќе ја заврши брзата пруга до Игуменица и до границата со Македонија и за овој проект нашите министри имаа добри разговори, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека ова е важно поради тоа што Србија треба да има пристаниште поради извозот кој се зголемува, да ги користи капацитетите на Солун и Пиреј и да купи дел од луката.
Мицотакис посочи дека со претседателот на Србија разговарал за модернизација на пругата што ги поврзува Солун и Белград, како и за довршување на коридорот што ќе почнува од Пиреј, а ќе завршува во Будимпешта.
- Тоа е од стратешко значење не само за нашата земја, туку и за цела Југоисточна Европа. Во оваа смисла мора да ги искористиме и европските фондови кои се наменети за Западен Балкан. Во таа смисла, Грција го поттикнува практичното учество на ЕУ во развојот на инфраструктурата на Србија и на сите други земји на полуостровот, нагласи Мицотакис.
Премиерот на Грција посочи дека соработката меѓу Грција и Србија се протега и на енергетскиот сектор, безбедноста и диверзификацијата на снабдувањето, и додаде да „го поддржува вертикалниот транспорт на гас од југ кон север и обратно“.
Вучиќ истакна дека со Мицотакис разговарал и за европскиот пат и дека „разбира дека во Европа не се секогаш задоволни со сите наши потези, но и дека во Европа мора да разберат дека и ние очекуваме јасни сигнали за поддршка на Србија на нејзиниот пат“.
Грчкиот премиер кажа дека заедничката билатерална соработка меѓу Србија и Грција има стратешки карактер и ја повтори подршката за територијалниот интегритет на Србија и непризнавањето на Косово, како и приклучувањето на целиот Западен Балкан во ЕУ кое за Грција има стратешко значење и цел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата