Според наредбата потпишана од командантот на цивилната заштита, Бојан Бошњак, жителите на сите куќи во населбата Широкача над која се наоѓа свлечиштето привремено ќе бидат сместени во колективни сместувачки капацитети во другите делови на Сараево.
На падините на Требевиќ под местото каде што се гради луксузен станбено-хотелски комплекс наречен Требевиќ Хилс претходно беше откриен потенцијално опасен одрон. Изградбата ја финансираат инвеститори од Турција, а контроверзната мега-изградба се поставува на само 50 метри од просторот кој е прогласен за парк на природата.
На градилиштето е исечена шума, а дел од ископаниот материјал и почвата завршија во коритото на потокот Бистрица, кој се влева во Миљацка во центарот на Сараево. Дрвата и наносите земја го спречија нормалното течење на водата, а жупанискиот инспекторат претходно предупреди дека поради тоа сега постои закана од поплави.
„Пукнатината што се појави на земјиштето и која се заканува да прерасне во свлечиште е создадена недалеку од зградата Требевиќ Хилс, која е во изградба, но и поради депонијата која се формираше и каде што материјалот беше фрлен при изградбата на оваа зграда“, изјави Бошњак за локалните медиуми, објаснувајќи дека проблемот настанал на дел од територијата што ѝ припаѓа на Република Српска и каде властите од Федерацијата БиХ немаат овластување да дејствуваат.
Градоначалникот на општина Стари град Ирфан Ченгиќ изјави дека нема потреба од итна евакуација и паника бидејќи свлечиштето се уште не започнало.
„Ситуацијата сега е иста како и пред 15 дена“, тврди Ченгиќ, додавајќи дека конечната одлука е на граѓаните дали ќе ја почитуваат наредбата на окружниот штаб и ќе ги напуштат своите домови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата