Во изминатите 24-часа во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, односно 2.147 новозаразни, а последен пат во земјата, над 2.000 случаи беа соопштени на 2 декември 2020 година, додека пак починаа 22 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Зголемување има и во бројот на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега, вкупно 357, 11 повеќе од вчера.

Речиси половина од новите случаи, односно 1.047 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, односно делот од Грција што од 11 февруари е во строг карантин и со полициски час, кој за викендите е продолжен, односно почнува од 18 часот.

Во изминатото деноноќие биле направени над 25.000 ПЦР и над 30.000 брзи тестови.

Од почетокот на епидемијата, регистрирани се вкупно 182.783 позитивни случаи, а починаа 6.343 лица.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, шест дена подоцна беше воведен полициски час, на средината на јануари имаше постепено олабавување на мерките, но 20-ина дена подоцна одново се воведоа рестрикции, особено во црвените зони.