Во грчките води, во Егејското и Јонското Море, има инвазија на виолетова медуза „Pelagia noctiluca“, а експертите го обвинуваат порастот на температурата на морето, како и претераниот риболов. Виолетовите медузи, во голем број се забележани во централното и северното Егејско Море, во Саронскиот Залив во близина на Атина, како и на неколку острови во Јонското Море. Сепак, проблемот не е само грчки, бидејќи го зафаќа целото Средоземно Море – пишува „Keep Talking Greece“.
Грчката опсерваторија за биодиверзитет (Biodiversity Biodiversity) објави мапа на која се прикажани областите и плажите каде што се наоѓаат медузи. Картата постојано се ажурира, а корисниците можат да додадат во листата на плажи каде што виделе медузи.
Виолетовата медуза е еден од најопасните видови на Медитеранот поради силниот невротоксин што го има, а се пренесува со убоди.
Изгорениците од овие медузи се многу болни. Доколку имате контактот со нив, бидејќи се појавуваат во јата, може да покрие повеќе од половина од телото, а тогаш е неопходна хоспитализација. Тие ослободуваат невротоксини, па на кожата се појавуваат отоци, болни изгореници и осип, а оние со преосетливост може да имаат и срцеви проблеми, тахикардија, пад на притисокот, силни главоболки, дијареја, бронхоспазам, гушење и повраќање.
Сега нивната појава е честа поради промената на климатските услови и зголемувањето на температурата на морето, а претходно била забележана во интервали од 10-ина години.
Засега, предупредувањето за појавата на виолетова медуза се однесува на туристи кои летуваат или планираат да летуваат на Кефалонија, Закинтос, Крф, Пелопонез, но и да ги посетат Паксос и Антипаксос. Локалните медиуми на големо пишуваат дека се забележани и на плажите во Атина. Се предупредуваат капачите да не влегуваат во водата.
- Не очекувавме дека летово ќе има толку многу виолетови медузи кои минатото лето беа локализирани само во помали делови од Егејското Море, за летово да се прошират на целото Средоземно Море и Јонското Море. Ја следиме ситуацијата и чекаме да видиме што ќе се случи на Јадранското Море, вели за ТВ Скај Христос Таклис, морски биолог и менаџер на грчката опсерваторија за биодиверзитет. Тој објаснува дека медузите од Италија пристигнале во потрага по потопла вода, бидејќи се хранат со планктони. Овој вид медуза досега беше присутен во Медитеранот, главно во близина на шпанскиот и италијанскиот брег.
ШТО ДА НАПРАВИТЕ АКО ВЕ „КАСНЕ“ МЕДУЗА?
Кога ќе ве изгори медуза, која било од нив, прво треба да ја отстраните ако остане на кожата и веднаш со кружни движења изгореното место добро да го истријте на брегот со песок за да ги извадите остатоците од медузата. Потоа добро исплакнете со морска вода, па нанесете ја кремата од грчкиот лек „fenystil“. Повторете го нанесувањето на кремот. Може да се земе и антихистаминска таблета.
Местото на изгореницата треба да се завитка цврсто со завој и во никој случај не смее на него да се нанесува оцет, свежа вода, алкохол или амонијак. Доколку имате други проблеми освен чешање и печење, веднаш посетете лекар.
Еве каде уште се појави опасната медуза
Во Јадранското Море се појави нов вид медуза, велат од Центарот за истражување на морето во Ровињ.
На северот на Јадранот се појавила таканаречената компас медуза, која е квалификувана како „Chrysaora hysoscella“.
Од Центарот наведуваат дека овој вид медуза живее во Атлантскиот Океан и во Медитеранското Море, а се карактеризира со жолто-кафеав меур, кој потсетува на компас. Оваа медуза може да порасне до 30 сантиметри во пречник, а пипалата ѝ се долги и до 1 метар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата