logo
logo
logo

СРПСКИОТ ИЛОН МАСК: Се дружи со Меркел, другар му е и Путин, направил батерија за Ајфон и има повеќе од 700 патенти

Vecer | 18.06.2021

СРПСКИОТ ИЛОН МАСК: Се дружи со Меркел, другар му е и Путин, направил батерија за Ајфон и има повеќе од 700 патенти

Научник и бизнисмен, професор на Универзитетот во Њу Џерси, Париз, Лондон и Грац – овој човек има најголем придонес во револуцијата на производството на мини батерии за мобилни телефони, компјутери и автомобили.

Тој е и пријател на германската канцеларка Ангела Меркел, рускиот претседател Путин, но и поранешен соработник на Стив Џобс, а зад неговото име стојат повеќе од 700 патенти.

Станува збор за професорот д-р Дејан Илиќ кој е со потекло од Србија а кој денес живее во своето родно село во близина на Смедеревска Паланка.

Имено, Дејан е најиновативниот Србин на 21 век.

Деновиве, тој е повторно во центарот на вниманието откако го објавил подкастот во кој тој гостувал. По оваа објава тој го добил прекарот – српскиот Илон Маск.

-Се вратив во мојата татковина за да се заштитам од коронавирусот. Во Германија постојано бев изложен на ризик од Ковид-19 поради природата на мојата работа. Постојано имав состаноци, средби со бизнисмени и патувања. Тука, во моето село се заштитив себеси, моите соседи и моите блиски на начин што живеам мирно и безбедно, изјавил тој за спрските медиуми.

Како што и самиот признава, тој е претпазлив на вируси и заразни болести, бидејќи во 2000та година за време на птичјиот грип бил изолиран во Сингапур каде поминал 31 ден карантин во мала хотелска соба.

Кога во месец декември слушнал за коронавирусот ги презел сите потребни мерки.

-Му се јавив на колегата од Кина и го прашав за коронавирусот. Ми кажа дека е 100 пати поопасен од птичјиот грип и дека ситуацијата го загрижува. Веднаш ги префрлив моите погони од Кина во Индонезија, а тие од Њујорк во Калифорнија. А јас се преселив во Србија, додал тој.

Имено, Дејан е роден во Селевац во 1957 година. Тој пораснал и се школувал во Смедеревска Паланка. Бил одбајкар на Партизан од Белград, член на одбојкарската репрезентација а потоа и спортски работник во неколку клубови.

-Потекнувам од семејство на воспитувачи. Мајка ми Олга беше логопед, а татко ми Предраг учител. Родителите никогаш не ме тераа да сум најдобриот ученик. Не бев најдобар, но не бев ниту најлош. Студирав само она што ме интересираше – математика и физика. Станав доктор на науки на само 26 години со фокус на "Хемиски извори на електрична енергија". Јас бев најмладиот доктор на науки во поранешна Југославија, изјавил Дејан.

Дипломирал во 1891 година, а магистрирал на Универзитетот Медон во Франција во 1982 година. Докторските студии ги завршил во Дрезден во 1985 година. Работел и како доцент на Универзитетот во Карлсруе.

-Работев две години во раните 1980те години во Источен Берлин. Таму ја запознав мојата школска другарка Меркел со која бев во Лајпциг во 1983 година. Јас постојано го надоградував своето знаење – учев од српскиот генијалец Никола Тесла, од јапонскиот ум Мачуо Сузуки, а потоа и од Стив Џобс на кому му ги продадов своите микро батерии, вели тој.

До 1992 година, работел како главен инженер за компанијата "Варта" а подоцна станал и сопственик на компанијата "Варта микробатерија". Вo 2007 година добил и директорско место на компанијата "Ари" која била светски лидер во производство на филмска и телевизиска опрема. Тој ја превземал оваа компанијата на барање на Михаил Глос – германскиот министер за економија.

Придонел и во револуцијата во производство на мини батерии за мобилни телефони, лаптоми, Тв камери и електрични автомобили. Неговиот изум се микро батерии и паметни картички. Во Германија три пати по ред бил именуван за менаџер и иноватор на годината.

Тој е и добитник на техничкиот Оскар – награда на Американската филмска академија која му ја доделила за камерата "Флекс" специјализирана за снимање филмови.

-Во "Ари" ја направивме првата професионална дигитална филмска камера – што е многу подобра од сличните камери кои ги прави "Вегас". За само три години, до 2011 година ние ја направивме најдобрата дигитална камера во светот, но остваривме и голем технички напредок во однос на скенерите, ласерите и светлата, изјавил Илиќ.

Го остварува сонот на Ангела Меркел

Во последниве неколку години, д-р Дејан Илиќ е посветен на остварување на големиот сон на Ангела Меркел, а тоа е Германија до 2025 година да ја добие првата генерација на електрични автомобили.

-Сакам да видам милиони електрични автомобили на германските патишта до 2025та година, додека сум се уште на позицијата канцелар, изјавила Ангела Меркел.

Тој ја запознал Меркел во почетокот на 80 тите години, а нивното другарство трае и ден денес.

-Меркел е ќерка на свештеник, па оттаму таа беше активна во црковните и интелектуалните кругови во Германија кои се залагаа за промени во крутиот систем. По падот на Берлинскиот ѕид и обединувањето на двете Германии, премиерот Хелмут ангажираше две млади жени од истокот. Една од нив беше Меркел – неговата наследничка и прва жена канцелар во историјата на Германија. Патем во неколку наврати и имам кажено да ја остави економијата да се развиво прво, а потоа со законски регулативи ќе наметнува почитување на еколошките стандарди. На успешните компании нема да им биде проблем да инсталираат филтри и прочистувачи односно да ги усогласат своите производствени капацитети со цел заштита на животната средина, изјавил Илиќ.

Илиќ веќе осум години работи и е дел од германскиот тим за дизајнирање и производство на првиот електричен автомобил во оваа земја.

-Уште од сега знам дека овој автомобил нема да биде готов до 2025 година. Мислам дека неговото производство во Германија ќе потрае. Батериите денес се срцето на идната автомобилска индустрија. Во моите фабрики ние бараме начин како да произведеме посилна батерија за ваков автомобил бидејќи резервоар за гориво треба да го замениме со една батерија се со цел автомобилот да биде безбеде и за возачот и за патниците. Главното прашање е цената на овој автомобил, бидејќи тој треба да им биде достапен на сите граѓани, додава Илиќ.

Во Србија, Дејан Илиќ е признат како голем творец и генијалец. Тој ја добил наградата "Никола Тесла", "Златниот медал" на Србија и "Награда за животно дело" на Србија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk