logo
logo
logo

Резервите на jадарит во Србија можат да задоволат околу 17% од производството на ел. возила

Vecer | 28.06.2024

Резервите на jадарит во Србија можат да задоволат околу 17% од производството на ел. возила

 Критичните минерални суровини се неопходни за побрз напредок во декарбонизацијата на енергетскиот сектор, а со ова прашање не се соочува само Србија, туку и земјите од Европа и целиот свет, изјави денеска српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Таа на завршната сесија на меѓународното советување „Енергија 2024“ рече дека „кога зборуваме за јадарит, за кој деновиве најмногу се зборува, за резервите што ги има Србија, би можеле да задоволиме околу 17 отсто од производството на електрични возила во Европа“.

-А ако зборуваме за развој на целиот синџир на вредност, што е нашата цел, придонесот во растот на БДП би бил дури 18 проценти. Ако цела Европа се движи во насока на поголема самоодржливост, не гледам причина Србија да не размислува како да го зокружи целиот производствен циклус на руда, батерии и електрични возила во нашата земја, каде што ќе работат нашите луѓе а ќе управуваат наши експерти, кажа Ѓедовиќ Хандановиќ, соопштија од нејзиниот кабинет.

Таа кажа дека при одлучувањето за користење на природните ресурси потребно е да се слуша зборот на професијата, а не на „политичарите и полуполитичарите“.

-Има многу простор за разговор, но не и за ширење на паника и страв од непрофесионални луѓе. Ако некој треба да зборува за геологија и рударство, тоа се токму луѓето кои се едуцирани за тоа. Треба да има дебата и различни ставови, но не и да се изнесуваат информации дека Србија копира закони од африканските земји, рече таа.

„Јадарит“ е „бел моноклиничен нерадиоактивен минерал“, а „неговата минерална хемиска формула е натриум-литиум-бороликат-хидроксид“, пишува во стручната литература.

Во Србија најзастапен е во долината на Јадар, кај Лозница, каде Здружението на еколошки организации на Србија за вечерва закажа протест против компанијата Рио Тинто и проектот „Јадар“ за ископ на литиум./МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk