logo
logo
logo

Република Српска, по наредба на Додик, ги прекинува сите врски со САД и Британија

Vecer | 23.03.2023

Република Српска, по наредба на Додик, ги прекинува сите врски со САД и Британија

Прекин на соработката со американските и британските дипломати во БиХ претходно најави претседателот на РС, Милорад Додик, кој е под санкции на САД и Велика Британија од 2017 и 2022 година, бидејќи Вашингтон и Лондон одлучија да го казнат за сецесионистичка реторика, поткопување на Дејтонскиот договор и корупцијата.

Оттогаш Додик е во постојана вербална војна со дипломатските претставници на тие две влијателни западни земји, а сега ги предводеше властите на РС да донесат одлука за прекин на комуникацијата со нив под обвинение за мешање во внатрешните работи на Босна и Херцеговина.

„Владата ќе ги информира надлежните органи на САД и Велика Британија за прекин на соработката со амбасадите на САД и Велика Британија поради нивните антидејтонски активности и кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и Виенската конвенција за Дипломатски односи“, се вели во соопштението на Владата на ентитетот објавено денеска.

Тие објаснија дека оваа одлука ги обврзува и политичарите од РС кои се функционери на државно ниво на БиХ.

Самиот Додик во посебна изјава оваа одлука ја поврза со помошта што Западот ѝ ја дава на Украина наспроти руската агресија, а особено беше бесен на најавата дека Велика Британија може да достави муниција со осиромашен ураниум на украинските бранители.

„Тоа е нашиот однос кон оние злосторници кои се подготвени да користат осиромашен ураниум“, рече Додик, кој отворено се залага за проруски позиции од почетокот на агресијата против Украина.

Амбасадата на САД реагираше на одлуката на властите на РС зад која стои Додик со објава на социјалните мрежи во која посочуваат дека тоа е уште еден опасен чекор на погрешен пат.

„Тоа е патот на изолација и автократско владеење“, му порачаа тие на Додик, додавајќи дека тој очајно се обидува да го одржи својот корумпиран режим.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk