logo
logo
logo

Претседателката на Грција одржа лидерска средба, земјата ќе добие службена Влада

Vecer | 24.05.2023

Претседателката на Грција одржа лидерска средба, земјата ќе добие службена Влада

На покана на претседателката Катерина Сакеларопулу, согласно уставните одредби, на иста маса седнаа лидерите на петте партии што обезбедија место во грчкиот Парламент: претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, на СИРИЗА Алексис Ципрас, на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, на Грчко решение Кирјакос Велопулос, како и генералниот секретар на Комунистичката партија Димитрис Куцубас.

-Лидерите на партиите на средбата ја потврдија неможноста да се формира Влада која ќе има довербата од Парламентот. Лидерите на партиите ја отфрлија и можноста за формирање Влада од сите партии во Парламентот за одржување избори, соопштија од кабинетот на грчката претседателка. 

По ова, додаваат, дека претседателката најавила дека мандатот за формирање Влада ќе му го довери на претседателот на Судот на ревизори, Јоанис Сармас.

Лидерската средба, со оглед на тоа дека беше формална, а не суштинска траеше кусо, само половина час, а претседателите на партиите си заминаа без да дадат изјави.

На состанокот во Претседателската палата му претходеше циклусот на доделување на мандатите на првите три партии, процес што заврши вчера попладне.

Сакеларопулу му го додели мандатот за формирање Влада на претседателот на Судот на ревизори, Јоанис Сармас

Претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, му го додели мандатот за формирање Влада на претседателот на Судот на ревизори, Јоанис Сармас, кој го прими и утре ќе положи свечена заклетва, а потоа ќе формира преодна Влада што ќе има една единствена цел, да ја одведе земјата на избори на 25 јуни, јави дописничката на МИА од Атина.

На средбата, Сакеларопулу објасни дека по лидерската средба претпладнево на која и формално беше констатирана неможноста за формирање влада, стигна до последната одредба согласно Уставот, односно решението на преодна, службена Влада.

-Веќе им соопштив на лидерите на политичките партии дека имам намера да Ве предложам Вас од тројцата претседатели на Врховните судови и да Ви го доверам мандатот да формирате Влада која ќе ги спроведе изборите, рече грчката претседателка.

Претседателот на Судот на ревизори ѝ се заблагодари на Сакеларопулу и рече дека претставува голема чест за него.

-Имам уставна обврска да прифатам, а воедно е и моја должност како граѓанин, истакна Сармас.

Новиот грчки премиер, кој ќе биде на чело на преодната, службена Влада, утре ќе положи свечена заклетва, по што се очекува да биде соопштен и владиниот состав. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk