Ден по одбележувањето на првата годишнина од терористичкиот напад во Бањска во северно Косово, во кој беше убиен припадник на косовската полиција, во Основниот суд во Приштина денеска започна првото рочиште на судењето на 45-те обвинети за нападот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Под силно полициско обезбедување, во Специјалниот оддел на приштинскиот суд утрово беа доведени тројца од обвинетите - Душан Максимовиќ, Владимир Толиќ и Благоје Спасојевиќ, кои беа уапсени непосредно по нападот, односно на 25 септември минатата година.
Судскиот процес го води судијата Арбен Хоти, а присутен е и специјалниот обвинител Наим Абази, кој предложи на останатите 42 обвинети, меѓу кои и водачот на групата, поранешниот потпретседател на партијата на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, да им се суди во отсуство.
На ова се спротивстави адвокатот на обвинетиот Спасојевиќ, кој рече дека судењето во отсуство на 42 обвинети лица е невозможно и за тоа нема претпоставки согласно член 303 од Законот за кривична постапка.
Претседателот на судскиот совет, Хоти рече дека ќе побара од Врховниот суд толкување за споменатиот член, а за да не се одолговлекува случајот, за тројцата обвинети кои се во судница ќе се води посебна постапка.
Во судската сала се присутни членови на семејствата на обвинетите, нивните бранители, адвокатот кој го претставува семејството на убиениот полициски поручник, Африм Буњаку, како и полицајци кои биле заедно со Буњаку во Бањска во времето кога се случи нападот.
Во обвинението на Специјалното обвинителство на Косово, подиганто на 11 септември годинава, обвинетите се товарат дека „со употреба на насилство со тешко оружје се обиделе да го отцепат северниот дел на територијата на Република Косово и истиот да го приклучат на Република Србија, при што како резултат на употребеното насилство, загина полицаецот Африм Буњаку, а беше загрозен и животот на други полициски службеници и на цивилното население“.
Водачот на терористичката група, Радоичиќ, се товари дека индиректно обезбедувал приходи од 2017 година до 24 септември 2023 година и тие пари ги претворил во недвижен и движен имот, при што дел од недвижниот имот префрлил на трети лица, со цел да го сокрие изворот на богатството.
Обвинетите 45 лица од српска националност се товарат за сторени кривични дела „Извршување терористичко дело“, „Тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“, „Олеснување и финансирање на тероризам“ и „Перење пари“.
Покрај косовскиот полицаец, Буњаку, во престрелката што уследи меѓу полицијата и српската група на 24 септември минатата година, беа убиени и тројца од напаѓачите, додека другите побегнаа во Србија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата