По сослушувањето, родителите на Алма Суљиќ биле огорчени и разочарани, пишува Кликс.
"Ова е надвор од сечија памет. Не разбирам дека некој може да даде таква изјава по сите овие настани низ кои поминавме. Ова е уште еден дополнителен стрес за нас. Човечки се надевав дека ќе има ронка хуманост, ронка сожалување, но се изневерив. Ова е болно и стресно, речиси како денот на несреќата“, изјавил таткото на Алма Суљиќ.
Тој додаде дека не е сигурен дали ова е „неговата нечовечност“ или некој го советува да оди во „непотребен и болен процес што ќе стави дополнителен стрес на нешто што е толку јасно“. „Ова сега е на сметка на државата, на сметка на даночните обврзници. Но, за жал, законот е таков. Не знам што друго да кажам за сето ова“, додаде таткото.
Мајката рече дека не знаела дали ѝ било полошо на денот на несреќата, на денот на погребот или денеска.
„Не знам што да кажам, никаков договор не доаѓа во предвид. Бараме максимална затворска казна. Апелирам уште еднаш итно оние што можат, да направат нешто околу оваа работа и за вакви дела да се досудат двојни казни. 20 години за двојно убиство се премалку“, вели мајката.
По рочиштето, пред присутните новинари се обрати адвокатот на обвинетиот Берберовиќ, Русмир Каркин.
„Почнува главниот претрес, главниот претрес со изведување докази, сослушување на сведоци и вештаци и обработка на материјална документација. Денеска доколку се изјаснеше за виновен немаше да има судење. Тоа ќе беше главен претрес каде само отежнувачки и би се разговарало за олеснителни околности.Ќе се обидеме низ судскиот процес да исправиме одредени факти за кои ние како одбрана сметаме дека не се правилно утврдени“, изјави Русмир Каркин.
Потсетуваме, на 26 мај годинава се случи тешка сообраќајна несреќа која ја предизвикал Армин Берберовиќ кој возел автомобил во алкохолизирана состојба и без возачка дозвола. Во таа прилика Азра Спахиќ починала на лице место, додека Алма Суљиќ подоцна им подлегнала на повредите. Како што тогаш беше објавено, тој возел повеќе од дозволеното кога удрил во три девојчиња.
Откако налетал на девојчињата, тој не застанал веднаш, туку удрил во сообраќаен знак, а потоа во ѕид.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата