Премиерот на Бугарија во оставка Кирил Петков пристигна во Брисел, откако синоќа падна неговата Влада. На влезот имаше проблеми со комуникацијата и неговиот мобилен телефон.

Пред новинарите рече дека денеска на Македонија и Албанија ќе им каже дека ветил на бугарскиот народ дека одлуката по францускиот предлог ќе ја донесе Народното Собрание.

„Без разлика на тоа што мене ми се доапаѓа францускиот предлог. Тоа кое јас го гледам во него е дека Уставот ќе се промени пред да започнат преговорите. Тоа што го гледам е дека за дискриминацијата и јазикот на омразата ние ќе можеме да го закочиме процесот ако не се справуваат, како и двостраниот протокол кој јасно ги покажува сите наши позиции, тоа е многу добар предлог. Јас не мислам дека друг ваков предлог може да има“, рече Петков.

Додаде дека пратениците втор ден не можат да обезбедат кворум за избор на претседател на Народното собрание, со што ја потенцираше политичката криза во која западна Бугарија.

„А знаете ли зошто не сакаат да направат кворум? Затоа што им е страв, затоа што не можам да изберат претседател на Народното Собрание. Тие луѓе се едни плашливци, тие луѓе мислат само како да манипулираат, ако имаат вистинска позиција денеска комисијата заседава во следните денови може да има отворена дискусија каде што целиот бугарски народ ќе разбере. Сите треба да знаат дека сме ја заштитиле позицијата со овој предлог“, вели Петков.

Оттаму тој го критикуваше бугарскиот претседател Румен Радев дека не зазел цврст став по ова прашање и дека не го свикал Консултативниот совет за национална безбедност.

„Ако си претседател, го свикуваш советот, седнуваме заедно, дискутираме и излегуваме. Но маските паднаа, уморен сум од кукавици. Ќе го одржам ветувањето кон бугарскиот народ и се надевам дека ќе има отворена дискусија бидејќи тоа е историски момент. Овој предлог е многу добар, но поентата е дека мора да се прифати на вистински начин“, рече Петков.

Во Бугарија продолжува разногласието на тема поддршка за францускиот предлог. Вчера него целосно го поддржа ГЕРБ и Бојко Борисов, но против денеска се изјаснија бугарските социјалисти. Во Софија засега никој не сака да ја преземе одговорноста и да донесе одлука за пакетот документи на француската дипломатија, кои треба да резултираат со кревање на ветото.