Европскиот парламент (ЕП) ќе побара од Европската унија (ЕУ) да ги прекине пристапните преговори со Србија додека Србија не воведе санкции кон Русија.

Ова се наведува во нацрт-извештајот за новата стратегија на ЕУ во процесот на проширување, до кој Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше пристап.

Дајте приоритет на усогласувањето на земјите-пристапни со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и да ги продолжите пристапните преговори со Србија само доколку земјата ги почитува санкциите на ЕУ против Русија“, се наведува во нацрт-извештајот.

Членовите на ЕП ќе расправаат за овој документ на седницата на комисијата за надворешна политика на 13 октомври, а конечната верзија на нацртот ќе биде во форма на резолуција на Европскиот парламент. Гласањето за резолуцијата се очекува во ноември, јавува РСЕ.

Резолуциите на ЕП не се правно обврзувачки за земјите-членки или за другите европски институции.

Европските социјалдемократи, втората по големина групација во ЕП, веќе најавија  дека ЕУ не може да ги продолжи пристапните преговори со Србија без воведување санкции кон Русија и најавија дека тоа ќе биде вклучено во претстојниот извештај за проширувањето.

Србија е единствената земја во регионот која не воведе санкции кон Русија

Од почетокот на војната во Украина, Европската унија редовно бара од Србија да воведе санкции кон Русија во согласност со одлуките на ЕУ, бидејќи земјите кандидати за членство во ЕУ треба постепено да ја усогласуваат својата надворешна политика со политиката на Европската унија, вклучително и санкции.

Министрите за надворешни работи на Србија и Русија, Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров, минатата недела во Њујорк, на маргините на 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, го потпишаа Планот за консултации на нивните министерства за периодот 2023-2024 година.

Реагираше Европската унија посочувајќи дека е “сериозно загрижена“ за потпишувањето на овој документ и дека Србија со тоа испраќа порака “дека има намера да ја зајакне соработката со Русија“.

Србија преговара за членство во ЕУ од 2014 година.