logo
logo
logo

Најмалку 13 загинати и 6 исчезнати во поплавите во Босна и Херцеговина

Vecer | 05.10.2024

Најмалку 13 загинати и 6 исчезнати во поплавите во Босна и Херцеговина

И официјалиот број на загинати варира, повредените се згрижени, оние кои изгубија кров над глава се сместуваат кај родини и пријатели. Сите човечки и материјални ресурси на кризните штабови во јужниот и централниот дел на државата се ставаат на располагање да помогнат онаму кадешто е најтешко..

-По консолидирањето на состојбата на терен, утврдено е дека три тела двапати биле пријавени од различни служби, па сега таа бројка е корегирана на 13, од кои едно лице починало на подрачјето на Коњиќ, поточно од Бутуровиќ Поље, 12 во Јабланица. Среќен сум што можам да соопштам дека мајката која за жал вчера го изгуби своето неродено бебе, е стабилна. - Дарко Јука – портпарол на херцеговско-неретвански кантон

Најлоша е состојбата во Јабланица, а повремениот дожд уште повеќе ја отежнува работата на локалците кои се обидуваат да ја вратат нивната општина во нормала. Срушени куќи, улици и автомобили и натаму се под вода – цели населби до непрепознатливост.

-Ако ја погледнеме сликата зад мене, овде имаше најмалку 10 куќи, а сега нема ништо. Освен тиња, кал, дрвени конструкции, камења.. Куќите се потполно однесени, срамнети со земја и навистина на ова подрачје да се живее е невозможно.- Недим Пуриш – репортер на БХРТ

Проблем за населението и за спасувачките екипи е прекинот на струја, но и движењето по патиштата по кои се обидуваат да се пробијат до отсечените села. Асфалтот е речиси целосно уништен, мостовите и пругите нефункционални.

-Состојбата на терен не е добра. За жал, пронајдовме едно лице мртво, за четири се уште се трага.  Километри патишта се уништени, оштетени, речиси сите мостови на неретванското подрачје оштетени или уништени, струја нема, телефони нема, екипите се на терен се обидуваат да ги стават во функција. - Хусеин Хоџиќ – началник на Агенција за цивилна заштита – Коњиц

-Водата ги однесе куќите, цели семејства останаа без ништо. Но, фала на господ  ги спасивме барем нив. Имаме уште исчезнати, денеска ги бараме... Не знам што да кажам.- Мевлида Шахиновиќ – жителка на Бутуровиќ Поље

Од ужасните поплави се зафатени бројни општини- Јабланица, Коњиц, Кисељак, Фојница, Крешево, Вареш, како и околните села. Откако се случија апокалиптичните сцени особено во Долна Јабланица која е целосно затрупана во камен одрон, во Босна и Херцеговина се отвори дилема – дали блискиот каменолом е главната причина за страшниот порој кој ја зафати оваа населба.

За помош на населението веќе се мобилизираат балканските организации, меѓу нив и македонскиот Црвен крст со парична сума од 10 илјади евра и отворени телефонски линии за донации.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk