Адвокати, таксисти, угостители, самовработени лица и хонорарци одржаа мирен протест во Атина за да го изразат нивното незадоволство од новиот предлог- закон на грчката Влада за оданочувањето и справување со затајувачите на данок, јави дописничката на МИА од Атина.
Протестот беше организиран од низа федерации меѓу кои и оние на трговците, на возачите на такси возила, на стоматолозите, на угостителите, од низа комори, меѓу кои и адвокатската, техничката, геотехничката, како и од здруженијата на физиотерапевти, ветеринари, нутриционисти и сл.
Претседателот на адвокатската комора на Атина Димитрис Вервесос истакна дека ќе се борат против оние кои ги нарекуваа затајувачи на данок, против нееднаквите даночни критериуми и дека нема да се откажат од нивните барања.
- Денеска илјадници адвокати, професионалци, самовработени се овде за да кажат едно големо „не“ на оние кои нè изиграа, кои предизборно едно ни кажуваа, а сега друго ни велат, истакна Вервесос.
Претседателот на конфедерацијата на професионалци и трговци Јоргос Каватас потенцираше дека денешниот протест уште еднаш покажа дека засегнатите од новиот закон се борат за нивните права против „Владата која се обидува да ги уништи малите бизниси и самовработените“.
Демонстрантите за нивните барања добија поддршка и од СИРИЗА и ПАСОК, со оглед на тоа дека на протестот присуствуваа пратеници од двете опозициски партии.
За новиот предлог- закон на грчката Влада, што се очекува во следните денови да биде ставен на гласање во Парламентот, постојат големи реакции во Грција, со оглед на тоа дека се менува начинот на оданочување.
Адвокатите веќе една седмица не ги извршуваат нивните должности, таксистите во цела Грција од вчера започнаа четиридневен штрајк, а во Атина е дводневен и започна денеска.
Протести освен во Атина, денеска имаше и во Солун. /МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата