Милановиќ на изборите доби убедливо водство од 49,1 отсто од гласовите,далеку пред неговиот противкандидат Драган Приморац од ХДЗ кој доби 19,4 отсто.
Хрватска оди во вториот круг од претседателските избори, a двајцата кандидати, Mилановиќ и Приморац ќе ги измерат силите повторно на 12 јануари, откако на актуелниот шеф на државата му недостигаше еден процент да извојува победа во првиот круг. Милановиќ на изборите доби убедливо водство од 49,1 отсто од гласовите, далеку пред неговиот противкандидат Драган Приморац од ХДЗ кој доби 19,4 отсто. Милановиќ изрази уверување дека победата ќе ја потврди за две недели, а интересно беше тоа што во своето обраќање не кажа ниту збор за неговиот главен ривал, или пак за владејачката партија на премиерот Пленковиќ
„ Верувам дека таа борба ќе биде силна, но и дека на крајот ќе биде успешна и дека за две недели ќе славиме во Творници победа … Во Творница победа... дека за две недели ќе славиме во истата сала во Творница, победа во Творница. Oгромното мнозинство луѓе посакуваат многу малку, кога ќе излезат од дома, ако излезат од дома тој ден да заврши предвидливо и досадно и да знаат дека децата ќе се вратат безбедно од училиште, да знаат дека ќе имаат за што да живеат и човечкото достоинство и на работниците и на пезнионерите – а денеска не е така, да биде почитувано и тие да се третираат како еднакви граѓани.“ -Зоран Милановиќ, Актуелен претседател на Хрватска и кандидат на СДП.
Неговиот против кандидат во вториот круг, Драган Приморац пак, кој ја доби поддршка од конзервативната владејачка партија ХДЗ на премиерот Андреј Пленковиќ истакна дека 12 Јануари ќе биде одлична можност да соочат неговата визија со таа на Милановиќ.
„Никој не знае што Милановиќ и нуди на Хрватска. За мојата програма сите јасно знаете, таа е програма која што нуди се она што и е потребно на Хрватска. Тоа е заедништво, тоа е онаа Хрватска каде ќе се живее подобро, каде ќе се грижиме за младите, каде младите нема да се иселуваат, тоа е Хрватска каде ќе се грижиме за секој пензионер, тоа е Хрватска која е настаната и втемелена со света победничка домашна војна и тоа е Хрватска која што ги штити и брани интересите на бранителите кои ми дадоа голема поддршка и во оваа прилика им заблагодарувам.“ - Драган Приморац, кандидат на ХДЗ.
Приморац инаку, го постигна еден од најлошите резултати на партијата ХДЗ. Многумина сега му префрлаат на премиерот Андреј Пленковиќ дека Драган Приморац бил лоша конкуренција за актуелниот претседател Милановиќ. Во своја изјава по синоќешните претседателски избори во Хрвастка, Пленковиќ истакна дека никој друг од врвот на партијата ХДЗ „не сакаше да ја игра таа игра“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата