logo
logo
logo

Микати – Мицотакис: Многу е важно да се имплементира договорот за примирје

Vecer | 16.12.2024

Микати – Мицотакис: Многу е важно да се имплементира договорот за примирје

Подготвеноста на Грција да помогне во зајакнувањето на државните институции во Либан и спроведувањето на прекинот на огнот, како и во зајакнувањето на економијата, ја истакнал грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата во Бејрут со либанскиот премиер Наџиб Микати, кој рече дека Грција изразила подготвеност и да им помогне на вооружените сили на Либан, јави дописничката на МИА од Атина.

Либанскиот премиер по средбата рече дека разговарале за трговските и економските односи со цел нивно зајакнување, за Либан да најде излез од економската криза, но и за општата ситуација во земјата.

-Многу е важно да се имплементира договорот за примирје, но и одлуката 1701 на Советот за безбедност на ОН. Ја подвлековме улогата на војската на ова поле. Премиерот на Грција спомена дека Грција е подготвена, целосно подготвена да им помогне на вооружените сили на Либан и ова, детално беше разговарано од началниците на Генералштабовите. Би сакал да ја поздравам оваа иницијатива на Грција, посочи Микати.

Мицотакис освен со премиерот, се сретна и со претседателот на либанскиот Парламент Набих Бери, а на средбите, како што информираа од неговиот кабинет, ја изразил грчката поддршка за „стабилноста и мирот во Либан и ја истакна важноста од спроведувањето на прекинот на огнот од 27 ноември за мирот и стабилноста во поширокиот регион“.

-Зајакнувањето на државните институции на Либан е од најголема важност за нас. Се надеваме дека наскоро ќе се избере нов претседател и Грција ќе биде на ваша страна. Тоа беше мојата главна порака до премиерот. Би сакал да му пренесам на либанскиот народ дека Грција е и ќе остане вистински партнер во вашите напори за обнова на вашата земја, порача грчкиот премиер.

Во изјавата по средбата со Микати се осврна и на ситуацијата во Сирија, велејќи дека „падот на режимот на Асад е добредојдена разврска, но повлекува значителни ризици за безбедноста и миграцијата“.

Посетата на Бејрут на Мицотакис првично беше закажана за 6 декември, но тогаш се одложи поради дефект на владиниот авион. /MИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk