logo
logo
logo

Лајчак: Српски Електросевер потпиша енергетски договор со косовскиот КЕДС

Vecer | 09.12.2023

Лајчак: Српски Електросевер потпиша енергетски договор со косовскиот КЕДС

Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, соопшти денеска дека српската компанија „Електросевер“ потпишала комерцијален договор за енергетика со компанијата за дистрибуција на електрична енергија на Косово (КЕДС), јави дописникот на МИА од Белград.

-Ова е важен чекор кон имплементација на Патоказот за енергетика и кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, напиша Лајчак на социјалната мрежа Х.

Тој не наведе каде и кога е потпишан споменатиот договор.

„Електросевер“ е во сопственост на енергетското претпријатие на Србија - Јавното претпријатие „Електропривреда Србија“ (ЕПС), но е регистрирано во Косово според косовските закони.

Во 2013 година, Косово и Србија, во рамките на дијалогот со посредство на Европската унија, постигнаа договор за енергетика, кој има за цел да го регулира прашањето за снабдување и наплата на електрична енергија во четири општини на север, каде живее мнозинско српско население.

Но, овој договор не беше спроведен и во јуни 2022 година страните постигнаа договор за имплементација на постојниот енергетски договор преку “Патоказот за енергетика“.

Но, ниту овој Патоказ не беше имплементиран, а ЕУ во текот на минатата година призна дека има доцнења во неговата имплементација, нагласувајќи дека конечната одговорност за имплементација на водичот е на Косово и Србија. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk