logo
logo
logo

Кривични пријави против пет опозиционери, по протестите за уривањето на Савски мост

Vecer | 28.11.2024

Кривични пријави против пет опозиционери, по протестите за уривањето на Савски мост

Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти денеска дека наложило поднесување кривична пријава против пет лица во врска со протестите организирани во Белград на 24 и 26 ноември, јави дописникот на МИА од Белград.

-Поради постоење основи на сомнение дека на 24 ноември сториле кривично дело Попречување на службено лице во вршење на службено дејствие од Законот за јавен ред и мир, ќе биде поднесена кривична пријава против пратениците М.Т. и М.П., се наведува во соопштението на обвинителството.

Маринка Тепиќ и Мила Поповиќ, пратеници на опозициската Партија на слободата и правдата (ССП), учествуваа на протестот поради одлуката на властите да го тргнат Стариот савски мост во Белград. Тие го пробија полицискиот кордон распореден на приодот и неколку часа стоеја на мостот.

Кога станува збор за други лица против кои обвинителството нареди поднесување кривична пријава, станува збор за Ѓ.М., И.В. и М.Б. кои се сомничат дека на 26 ноември на протест во близина на населбата Белград на Вода сториле кривично дело „Загрозување на јавен сообраќај со општо опасно дело и опасни средства од Кривичниот законик“.

Граѓани, активисти и опозициски политичари со денови кампуваат на приодите кон Савски мост во обид да го спречат неговото уривање, што е план на градската власт.

За време на протестот кој се одржа на 27 ноември, група луѓе физички ги нападнаа учесниците на протестот против уривањето на Савски мост во Белград, а полицијата по неколку инциденти на местото на настанот пристигна во поголем број.

За овој протест и инцидентите полицијата и обвинителството засега се немаат огласено.

За време на протестот на мостот на 20 ноември, полицијата ги приведе лидерот на опозициското движење „Крени-промени“ Саво Манојловиќ и градскиот советник на тоа движење Александар Јовановиќ. Тие подоцна беа ослободени. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk