Од осумте кандидати за претседател на Хрватска, Драган Приморац (ХДЗ и партнерите) потрошил најмногу, но добил и најмногу од донатори за својата изборна кампања, додека кандидатот на Мост, Миро Буљ најмалку потрошил и добил најмалку донации, покажуваат нивните финансиски извештаи, јавија хрватските медиуми.
Изборните трошоци на Драган Приморац заклучно со 20 декември достигнале 774.400 евра, од можни 1.061.782 евра што секој кандидат може да ги потроши за целата кампања. Тој добил 314.000 евра од донатори, се наведува во извештајот објавен денеска на веб-страницата на Државната изборна комисија.
На второ место по изборни трошоци е Зоран Милановиќ, актуелниот претседател кој бара втор мандат, а го поддржуваат СДП и нејзините партнери - потрошил 167.000 евра.
Трет кандидат е Ивана Кекин од Можемо - 109.500 евра, четврта е независната Марија Селак Распудиќ (104.000 евра), петти е независниот Нико Токиќ Картело со потрошени 78.000 евра.
Далеку зад нив се кандидатот на партијата Домино, Бранка Лозо, која потрошила 29.800 евра, независниот Томислав Јоњиќ со потрошени 11.900 евра и Буљ со 6.200 евра.
Приморац води и по висината на добиените донации - 314.000 евра. На второ место е Селак Распудиќ со 70.300 евра, на трето е Кекин со 39.100 евра, а на четврто Токиќ Картело со 35.300 евра. Јоњиќ од донатори добил 19.300 евра, Милановиќ 8.400 евра, Лозо 1.030 евра, а Буљ само 503 евра.
Колку ќе потрошат претседателските кандидати ќе се знае со сигурност откако ќе ги објават конечните извештаи за финансирање на кампањата, што треба да го направат 30 дена по изборите, односно до 28 јануари 2025 година, јави Хина. /МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата