logo
logo
logo

Хаос и на денешната пленарна седница на албанскиот Парламент, на чиј дневен ред е Нацрт-буџетот

Vecer | 20.11.2023

Хаос и на денешната пленарна седница на албанскиот Парламент, на чиј дневен ред е Нацрт-буџетот

Во тензична ситуација, во која не изостанаа ниту физички напади, димни бомби и со бројно присуство на припадниците на Националната гарда, денешната пленарна седница на албанскиот Парламент, на која на дневен ред беше Нацрт-буџетот за идната година, наместо маратонска расправа, заврши за пет минути.

Опозициските пратеници приврзаници на Сали Бериша, како што и најавија, најпрво со столчиња ја блокираа говорницата, по што продолжија со веќе виденото сценарио во последните четири седници на Парламентот.

Тие, покрај другото, беа против присуството на гардистите, па дури и физички нападнаа неколку од нив.

Претседателката на Парламентот, Линдита Никола, откако оцени дека нема можност за нормална работа, го стави на гласање Нацрт-буџетот, кој начелно беше усвоен со 83 гласови на пратениците од мнозинството и дел на опозицијата, по што седницата заврши.

- Истата сцена. Единствена нова работа е одобрувањето на најголемиот јавен буџет во историјата. Се работи за 7 милијарди евра, што е двојно повеќе од буџетот од 2013. Денеска кога требаше да зборуваат, го видовме истото сценарио. Единствено што треба да остане во умот на секој Албанец е буџетот кој штотуку го одобривме од 400 милиони евра плус за зголемување на платите, рече по седницата Бленди Чучи, координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија.

Газмент Барди од групата на Бериша, по завршувањето на седницата, ја нарече незаконска бидејќи за неполни пет минути почнала, се гласало и завршила.

- Што се однесува до битката на опозицијата, ќе ја продолжиме во Собранието. Нема да дозволиме нормална работа на Собранието. Четири минути и 29 секунди пленарна седница, значи дека Собранието влегло во незаконитост. Во ниту еден момент не сум изјавил дека ќе го блокираме гласањето, бидејќи крадците со пратенички мандат ги имаат гласовите да ги одобруваат законите. Но, нашата битка е да му покажеме на секој граѓанин дека ова не е Собранието што го претставува него. Ќе следиме и други институционални чекори врз основа на нашата определба, рече Барди.

За Бериша, пак, се е антиуставно по „наредба премиерот Еди Рама и реализирано од неговиот полтрон Линдита Никола“. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk