Пратеникот на опозицискиот Мост во хрватскиот Парламент, Миро Буљ, кој најави кандидатура за претседател на Републиката на претстојните избори, вели дека неговиот прв чекор на таа позиција би бил да ги депортира сите илегални мигранти и да ја испрати војската на државните граници.Според него, тоа ќе се постигне со референдум.
Тој смета дека е лошо да се донесе странска работна сила без ограничувања во Хрватска, од која во исто време се иселуваат младите.
„Овде доаѓаат луѓе од други култури, традиции и обичаи. Предвидуваат дека за неколку години ќе има 400.000 луѓе, додека нашите млади се иселуваат. Се разбира, цената на трудот исто така се намалува. Мора да има ограничување на увозот на работна сила. Знаеме дека основачите на увозните агенции се луѓе, луѓе чии татковци се силни во ХДЗ“, рече Буљ за загрепската ТВ Н1.
Тој додаде дека ХДЗ на Андреј Пленковиќ ја освоил власта со 700.000 гласови, што, како што вели, значи дека во следните неколку години власта во Хрватска би можеле да ја преземат и странски работници.
„Може да се случи во одреден момент странските работници легално да ги преземат владините структури во Република Хрватска. Така, ако другите култури и традиции, на пример, се воведат, законски преку собраниска процедура, жените да носат шамија, да им е забрането да возат... За тоа треба да размислиме бидејќи тоа е голема бројка и влијае на промената на структурата на населението. Ние сме мала држава“, рече Буљ, кој е и градоначалник на Сињ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата