logo
logo
logo

Грција доби инвестициски степен од агенцијата Мудис

Vecer | 15.03.2025

Грција доби инвестициски степен од агенцијата Мудис

 Агенцијата за рејтинг Мудис ја надгради грчката економија и на земјата ѝ додели инвестициски степен, за што премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис коментираше дека се „истакнува значителниот напредок на Грција“, јави дописничката на МИА од Атина.

- Надградбата на Мудис на Грција на Baa3 го означува последниот чекор во враќањето на нашиот инвестициски степен од сите големи агенции за рејтинг, нагласувајќи го значителниот напредок на Грција. Остануваме целосно посветени на реформите кои привлекуваат инвестиции, создаваат работни места и поттикнуваат одржлив раст, напиша Мицотакис на Икс.

Весникот „Катимерини“ коментира дека Грција по 14 години доби инвестициски степен од Мудис, но и дека беше очекувано, со оглед на тоа што е единствената од трите врвни агенции за кредитен рејтинг што не го имаше надградено нивото на грчката економија.

Министерот за национална економија и финансии на Грција Костис Хаѕидакис, кој по реконструкцијата на Владата од денеска ќе биде заменик-претседател на Владата, доцна синоќа изрази задоволство што неговата „последна изјава како министер за национална економија и финансии се однесува на доделувањето инвестициски степен за грчката економија од страна на Мудис, една од најважните агенции за кредитен рејтинг на меѓународно ниво“ и порача дека „Грција го остава минатото зад себе“.

- Денешната надградба го означува затворањето на големиот циклус за грчката економија и го потврдува враќањето на земјата во европската нормала. Тоа е резултат на систематските напори направени во последните пет и пол години, што не беше лесно, во услови на меѓународни кризи и геополитичка нестабилност. И очигледно тоа е успех не само за Владата, туку и за сите Грци, исткан Хаѕидакис.

Дополнително, посочи дека по надградбата од Мудис, „сите рејтинг агенции признати од Европската централна банка ја класифицираат грчката економија со инвестициски степен“. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk