logo
logo
logo

МАСЛИНКИ НА АЕРОДРОМИ И ЛАЖНИ ФАРМЕРИ НА КРИТ - Скандал ја тресе грчката влада!

Vecer | 03.04.2026

МАСЛИНКИ НА АЕРОДРОМИ И ЛАЖНИ ФАРМЕРИ НА КРИТ - Скандал ја тресе грчката влада!

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска ја објави новата структура на својот кабинет, по серијата оставки предизвикани од ескалацијата на скандалот со земјоделските субвенции од ЕУ. Портпаролот на владата, Павлос Маринакис, на прес-конференција ги соопшти имињата на новите функционери кои ќе ги преземат клучните ресори.

Како што оценува „Катимерини“, во владата влегуваат искусни политички фигури со цел да се врати стабилноста во институциите:

-Евангелос Турнас, поранешен заменик-министер за климатска криза, е именуван за нов министер за цивилна заштита, на местото на Јоанис Кефалојанис.

-Маргаритис Схинас, доскорешен потпретседател на Европската комисија, ќе го наследи Костас Цијарас на функцијата министер за рурален развој.

-Макариос Лазаридис, кој беше претставник на Нова демократија во собраниската комисија за истрага на ОПЕКЕПЕ (OPEKEPE), е именуван за заменик-министер за рурален развој, заменувајќи го Христос Келас.

Реконструкцијата уследи откако Кефалојанис и Цијарас поднесоа оставки утрово, откако беа директно именувани во истрагата на европското обвинителство за проневера на земјоделски фондови.

Покрај нив, оставка поднесе и Димитрис Варцопулос, заменик-министер за здравство, кој исто така е опфатен со истрагата. Портпаролот Маринакис појасни дека неговите надлежности во секторот за ментално здравје ќе бидат распределени внатрешно во рамките на министерството за здравство.

Случајот е фокусиран на наводни измами со исплати управувани од сега веќе згаснатата државна агенција ОПЕКЕПЕ, која беше одговорна за распределба на субвенциите од Европската Унија.

Свеченото давање заклетва на новите членови на владата е закажано за утре (сабота) во 11 часот, пренесува „Катимерини“.

Механизмот на измамата: Маслинки на аеродром и банани на Олимп

Според грчките власти, мрежата проневерила најмалку 23 милиони евра од 2018 година досега. Шематите започнале по промената на Заедничката земјоделска политика на ЕУ во 2014 година, кога субвенциите почнаа да се пресметуваат според површината на земјиштето, а не според бројот на добиток.

Поради нецелосниот имотен катастар во тоа време, сопственоста на земјиштето во многу делови на Грција беше нејасна, што овозможи манипулации. Истражните органи откриле надреални случаи на пријавени пасишта на археолошки локалитети, маслинови дрвја во воени аеродроми и плантажи со банани на планината Олимп, пишува „Еурактив“.

Најголемиот дел од лажните субвенции завршиле на островот Крит, каде што семејството на премиерот Киријакос Мицотакис има политичко влијание повеќе од еден век. Податоците се фрапантни:

Околу 80% од субвенциите за пасишта од 2017 до 2020 година завршиле на Крит.

Иако бројот на сточари во Грција опаѓа, на Крит меѓу 2019 и 2025 година се регистрирани 13.000 нови земјоделци.

Бројот на пријавени овци и кози на островот се удвоил во истиот период.

Премиерот Мицотакис, кој нагласува дека измамата започнала пред тој да дојде на власт во 2019 година, вети дека ќе ги затвори „крадците“ и ќе ги врати парите во буџетот. Сепак, притисокот е огромен бидејќи во Грција следната година треба да се одржат избори. Иако Нова демократија води во анкетите, по овој скандал неизвесно е дали ќе обезбеди апсолутно мнозинство.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk