Финансиските средства за Србија од фондовите на Европската Унија не се блокирани. Ова е наведено во одговорот на Европската комисија до Euronews Serbia, по прашањата во врска со изјавите на комесарката за проширување Марта Кос.
Кос изјави дека финансиската поддршка за земјата е суспендирана поради политиката кон правосудниот систем.
„Средствата во моментов не се блокирани. Комисијата сè уште врши евалуација и не е донесена одлука за суспендирање на средствата. Комисијата континуирано проценува дали се исполнети сите релевантни услови за поддршка на земји како Србија и во тој контекст ќе разгледаме дали се спроведуваат препораките на Венецијанската комисија“, се вели во одговорот.
Дополнително, беше наведено дека Европската комисија очекува Србија целосно да ги спроведе сите препораки на Венецијанската комисија во најкраток можен рок со транспарентен и инклузивен процес на консултации со сите релевантни актери.
На прес-конференцијата, по предавањето што го одржа на Универзитетот во Фриборг, во Швајцарија, Кос истакна дека земја која е кандидат за членство во Европската Унија „не може да седи на две столчиња и дека во одреден момент Србија ќе мора да направи избор“.
„Уште еднаш, ние сме спремни да помогнеме, но Србија мора да продолжи напред. Засега ги суспендиравме сите плаќања според Планот за раст, бидејќи повторно назадува во однос на судството. И додека не го исправи тоа, нема да може да добие финансиска поддршка од Европската Унија“, рече Кос.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата