САД го гледаат поврзувањето на гасните мрежи на Хрватска и Босна и Херцеговина како стратешки проект што ќе обезбеди енергетска независност на регионот и ќе привлече нови американски инвеститори, изјави специјалниот претставник на Министерството за енергетика на САД, Џошуа Волц, кој беше во неколкудневна посета на Босна и Херцеговина.
Волц пристигна во Босна и Херцеговина за да го потврди интересот на актуелната американска администрација за што поскоро завршување на процедурите потребни за изградба на гасоводот Јужна интерконекција, што би обезбедило пристап на таа земја до гасната мрежа во Хрватска, а со тоа и до терминалот за течен гас на Крк.
Дискусии на највисоко ниво
Во интервју за сараевскиот „Дневни аваз“, Волц потврди дека проектот е толку важен што се дискутира на највисоките нивоа на владата во САД.
„Ова не е само енергетски, туку и врвен стратешки проект за САД, кој се дискутира на највисоко ниво во Белата куќа и во Советот за национална безбедност. Целта и интересот на САД е да ги зајакнат економските и политичките врски со Босна и Херцеговина и со европските партнери“, рече Волц.
Тој истакна дека Европа со години плаќа скапо за својата зависност од еден енергетски извор преку зголемување на цените и економско забавување.
Камен-темелник на економијата на БиХ
Инфраструктурата на Јужната интерконекција, како што тврди, нема да дискриминира ничиј гас, а на граѓаните на БиХ е да изберат дали сакаат да ја користат независноста што САД ја нудат со овој проект.
Волц ја опишува Јужната интерконекција како камен-темелник на економијата на БиХ и вели дека тоа е предуслов за модернизација на нејзината индустрија. Во исто време, како што најави, енергетската инфраструктура сигурно ќе привлече големи американски инвестиции во приватниот сектор, а компаниите во САД, како што тврди, внимателно го следат целиот проект.
Тој, исто така, рече дека САД сакаат да спречат енергетските производи да се користат како политичко оружје не само против Босна и Херцеговина, туку и против европските партнери, додавајќи дека американските компании никогаш не пропуштиле да испорачаат енергетски производи, без оглед на глобалните предизвици, војните и природните катастрофи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата