Новиот систем за биометриска контрола на патници (ЕЕС), кој е во целосна функција на сите 99 гранични пунктови во Грција од октомври минатата година, предизвика сериозни застои и редици, вклучително и на преминот Евзони-Богородица. Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, денеска потврди дека Атина ќе ги користи сите расположливи алатки од европската регулатива за да се справи со притисокот на границите.
Маринакис призна дека имплементацијата на системот создала предизвици не само во Грција, туку и во другите земји-членки на ЕУ. Главните проблеми произлегуваат од несоодветната објектна инфраструктура и недоволниот број вработени кои треба да ги опслужат патниците според новите, побавни процедури за регистрација.
Пред само две седмици, Унијата на полицајци од Килкис алармираше дека состојбата на граничните премини е „неприфатлива и срамна“ поради хаосот што го создава ЕЕ системот.
На прашањето дали Грција размислува за одложување на имплементацијата за државјаните од балканските земји (како што претходно беше направено со британските туристи), Маринакис појасни дека секој граничен пункт ќе се оценува поединечно.
„Регулативата ЕЕС им дава алатки на земјите-членки за справување со зголемени притисоци. Грција ќе ја оценува состојбата на секој пункт и ќе ги презема соодветните мерки предвидени со правилата, со цел да се опслужи зголемениот број патници, но истовремено да се остане во согласност со европските барања“, изјави Маринакис.
Иако грчката полиција официјално соопшти дека системот е успешно започнат, реалноста на терен, особено на премините кон Македонија, покажува дека се потребни дополнителни мерки за да се избегне целосна парализа во екот на патничките шпицови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата